ВМРО - ДПМНЕ, синоќа во објектот на Македонскиот народен театар ја одбележа 125 годишнината од формирањето на Македонската револуционерна организација

Објавил: Мартин Попоски | 24 октомври, 2018 6:10

ВМРО – ДПМНЕ го прослави Денот на македонската борба

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Раководството на ВМРО – ДПМНЕ синоќа го прослави Денот на македонската револуционерна борба во Македонскиот народен театар.

По интонирањето на химната на партијата, пред присутните, претседателот на партијата Христијан Мицкоски говореше за историјатот на партијата, од нејзиното основање до денес, прашувајќи се како е дојдено до точка не народот, туку партијата на власт да одлучува за државата.

Како се случи граѓаните кои, иако кажаа што мислат за Договорот со Грција, нивниот глас да остане неслушнат. Одговорот на ова сепак треба да се побара година и половина порано и во изборот на оваа влада која сега е власт во земјава. – рече Мицкоски.

Тој ја обвини Владата дека додека создава политичко мочуриште од државава, го менува името како единствена политичка инвестиција за која верува дека ќе ги спаси нивните политички кариери.

Се сеќавате само колку многу оцрнуваа луѓе? Прогласуваа за криминалци. За случаи наводно вредни милиони евра. Ме обвинуваа потоа дека јас, јас се борам за нивна амнестија. А сега кога тие споменуваат таква работа, станувало збор за помирување.

 „Црниот петок“ беше еден од најтешките денови во мојот живот. Не само поради тоа што се изгласа во македонскиот Парламент нешто што не беше одобрено од македонските граѓани, процес за преименување на нашата земја, туку затоа што во тоа учествуваа и седум пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, силно потпомогнати од структури кои се ставија на располагање на власта, следејќи го својот личен интерес, одејќи против ставот на партијата, против членството, и најважно, против волјата на народот, изјави Мицкоски.

Тој во своето обраќање повика да се донесе закон за амнестија, кој ќе ги опфати сите учесници во 27. април.

Слушајте ме добро ваму, ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници за 27-ми април, за да има и неселективна правда и слобода за сите, а не селективна правда за само оние кои што вас ви слугуваат. – изјави Мицкоски.

Зборувајќи за ВМРО-вските работи, рече дека биле сведоци на предавство на браќа и сестри, кои ги обвини за дезертерство и на кои им се обрати посебно, дека не издржале и попуштиле иако знаеле дека СЈО им подготвува случаи, иако знаеле дека патриотите од 27 април се целосно невини.

Ја изневеривте Македонија, која ви ги даде сите животни удопства. Го изневеривте секој член кој макотрпно работел за вие да стекнете слава и успех. Вие само за малку му ја продолживте политичката кариера на Заев за сметка на Македонија. Влеговте во неговиот „ол ин“ план, со кој срамно тргува со илјадници македонски души. А да издржевте, ќе одевме на избори и ќе го победевме злото, Зоран Заев и групата околу него. Па нели сфативте дека беше готов? Дека бегаше од избори како ѓавол од крст? -рече Мицкоски.

Во МНТ беа присутни генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, потпретседателот Алексадар Николоски, поранешниот министер за правда Михајло Маневски, Влатко Ѓорчев, Трајко Славевски, Владимир Пешевски, Коце Трајановски, Тони Михајловски, Антонијо Милошоски, како и Мане Јаковлевски, еден од основачите на партијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.