Гутереш да го искористи својот авторитет и да ја повика меѓународната организација кон спроведување на правото на самоопределување

Објавил: admin@magazin | 6 јуни, 2018 13:23

Во писмо до Гутереш ОМД бара правда за Македонија во ОН

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), со седиште во Вашингтон, испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со барање да го искористи својот авторитет и да ја повика меѓународната организација кон спроведување на правото на самоопределување, со што би и се доделило рамноправно членство на Македонија во ООН под нејзиното уставно име.

Со тоа би се ставило крај на неправдата со која се соочува земјата во изминатите 25 години, наведува ОМД.

„Во 2018-тата година, ОН бележат 70 години откако Генералното Собрание ја усвои Универзалната декларација за човекови права, и со тоа го загарантира правото на самоопределување на нациите во меѓународната организација која вие ја застапувате. Како Федеративна Република на тогашна Југославија, Македонија беше една од основачите на ОН и воедно поборник за правото на самоопределување, кое што е сериозно загрозено со преговорите за името со посредство на ОН, кои се одолговлекуваат до недоглед“, се вели во писмото.

ОМД потсетува дека со години, Македонија е мета на грчката политика поради фактот што го споделува своето име со северниот грчки регион.

„Од почетокот на овој спор околу името, Грција го негираше постоењето на македонската етничка припадност, идентитет, историја и јазик. Ние веруваме дека Грција мора да се придржува кон Повелбата на ООН и да се помири со фактот дека вкупно 137 нации, кои сочинуваат околу две третини од Генералното собрание на ООН, веќе ја признаа Македонија под своето уставно име. Според тоа, време е Грција официјално да ја признае Македонија под нејзиното уставно име“, се истакнува во писмото на ОМД.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.