Според турското МВР, дел од градоначалниците соработувале во организација на пучот во 2016 година а дел се приврзаници на сепаратистичката Курдска работничка партија

Објавил: Мартин Попоски | 16 октомври, 2018 8:28

Во Турција суспендирани 259 градоначалници

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Вкупно 259 градоначалници во Турција се суспендирани од должноста, поради активности насочени против националната безбедност, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.

Станува збор за градоначалници кои се осомничени дека членувале или биле поврзани со структури, формации или групи, чии активности биле насочени против безбедноста на државата.

Сите градоначалници се отстранети од должноста по наредба на министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу и нивната суспензија ќе трае се до завршувањето на административните или судските истраги против нив. – се истакнува во соопштението.

По неуспешниот преврат во Турција во јули 2016 година, од работа беа отпуштени неколку илјади државни службеници, поради сомнеж за поврзаност со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за пуч.

Покрај за врски со Ѓулен, голем број градоначалници од општините во југоисточниот дел на Турција, каде мнозинството од населението се Курди, се осомничени и за поврзаност со сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК), која се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Следните локални избори во Турција, на кои треба да бидат избрани 1.381 градоначалници и 1.251 провинциски и околу 20.500 општински советници, се предвидени во март 2019 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести