Спасовски важи за голем верник кој често знае да ги помеша верските убедувања со функцијата министер

Објавил: Мирко Бачиќ | 8 август, 2018 12:48

Вранишковски со отворено писмо до Спасовски “од еден “владика” до друг”

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Архиепископот на Православната Охридска Архиепископија г.г. Јован Вранишковски [ роден: Зоран Вранишковски ] во отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бара полицијата да престане да врши верска дискриминација врз него.

Претходно Европскиот суд за човекови права во Стразбур на 24 април 2018 година ја одби жалбата на Владата на Република Македонија и на тој начин потврди дека е правосилна претходно донесената пресуда за регистрација на Православната охридска архиепископија [ ПОА] на Јован Вранишковски.

Во ноември 2017 година судот во Стразбур донесе пресуда дека Владата на Република Македонија со тоа што не ја регистрирала канонската Охридска Архиепископија ги прекршила Членот 11 и Членот 9 односно ги прекршила слободата на здружување и слободата на мислата – совеста и религијата кои била обврзана да ги почитува согласно на меѓународната Конвенција за човекови права која ја има потпишано.

Во февруари 2018 година Владата одлучи да се жали пред Големиот Совет на споменатиот суд во однос на донесената пресуда но судот одлучи да ја отфрли жалбата.

Писмото на Вранишковски го пренесуваме во целост:

„Почитуван г-дине Спасовски, Без долг вовед, кој во вообичаено обраќање кон Вас би требало да го има, би Ви кажале само дека се надевавме оти со промената на власта ќе настапи ново време, време на толеранција и верска слобода, без никакви дискриминации по верска основа, што започнаа уште во времето кога претседател на Р. Македонија беше г-динот Бранко Црвенковски (поранешен претседател на Вашата партија), но до тоа сепак не дојде. На 9-ти Јули, оваа година, граничната полиција, на граничниот премин Меџитлија ни ја одзеде патната исправа без никакво образложение.

Наредниот ден, отидовме во МВР Битола, а таму post festum ни врачија решение: ОРГ-СУНР-Отсек за управни работи Битола бр. 15.1.5/1336 од 05.07.2018 г., потпишано од началник: м-р Тодор Кирацовски. Со решението ни се одзема патната исправа, а заради тоа што Отсекот за управни работи Битола добил известување од судот Скопје I, КОК 56/15 од 03.07.2018 г., дека сме осудени на казна во траење од 1 година и еден месец. Правосилната пресуда за тој предмет ние ја добивме на 10 Јули 2018 г., и во неа јасно пишува во диспозитивот дека сме осудени на казна во траење од 1 година и еден месец, но во образложението (на втората страница), исто така јасно пишува и дека во казната ни се засметува времето што сме го поминале во притвор, а кое со некој ден е повеќе од една година и еден месец. Истата пресуда ја однесовме во органот што го издал решението, но тие не покажаа никаков интерес да го одменат решението.

Во меѓувреме, на интерес на јавноста, бидејќи некои новинари се заинтересираа за ова, судот Скопје I излезе со соопштение дека за лицето Јован Вранишкоски не постои мерка за одземање на пасошот. Тоа нѐ натера да напишеме претставка до претседателот на судот Скопје I, од кого добивме одговор, дека: „по извршена проверка во системот на судот, од страна на Основниот суд Скопје I од Скопје, не е донесено решение за одземање на Вашата патна исправа, туку судот доставил до Управата – Одделение за внатрешни работи, Одделение за патни исправи – Битола само известување дека со пресуда на овој суд КОК бр. 56/15 од 28.02.2017 г., сте осудени на казна затвор во траење од 1 година и 1 месец за кривично дело од чл. 273 ст.1 од КЗ.” Одговорот на претставката, која и Вас Ви ја испраќаме во прилог, им го предочивме на вработените во ОРГ-СУНР-Отсек за управни работи Битола, но тие ни одговорија дека имаат наредба од „повисоки инстанци” да ни ја одземат патната исправа.

Не знаеме дали таа наредба е од Вас господине министре, или од некои Вам подредени, но ние не би можеле да го третираме поинаку ова отколку дискриминација и тоа по верска основа. Добро Ви е познато дека ние сме водач на една верска организација која претходните Влади на Р. Македонија, вклучително и онаа во која Вие сте министер направија сѐ да ја дискриминираат. Откако тоа не им успеа, зашто Европскиот суд за човекови права од Стразбур констатира дека властите во Р. Македонија, со тоа што не ја регистрирале Православната Охридска Архиепископија ги прекршиле членот 11 и членот 9 од меѓународната конвенција за човекови права, и наложи власта да плати оштета на нашата верска заедница (која патем речено, до последно евро е исплатена од страна на оваа Влада), Министерството за внатрешни работи продолжува со дискриминацијата.

Инаку ние боледуваме од мултиплекс склероза и само во месец Јули требаше да се јавиме на две контроли во Војно-медицинската болница во Белград, кадешто се лекуваме. Истото е предвидено и за месец Август. Но, заради немање на патна исправа не можевме да ги направиме тие контроли и здравствената состојба рапидно ни се влоши. Поседуваме патна исправа од друга држава, но не можеме ни со неа да излеземе од државава, иако неа не се обидуваат да ни ја земат, но не нѐ пуштаат да излеземе без да се откажеме од престојот во Р. Македонија. Дали целта е да бидеме држени како заложник, и тоа во периодот кога од страна на нашата Црква е најавена прославата на јубилејот 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија и доаѓањето на српскиот Патријарх! Бесмислено е со такво ниско ниво на дискриминација да се постигне нешто г-дине министре. Нас не нѐ преумија 5 години и 6 месеци, кои ги поминавме во затвор, гонети и затворани само затоа што сме Архиепископ на од државата дискриминаторски непризнатата Православна Охридска Архиепископија, та мисли ли некој дека со овој „мек” вид на туторство ќе нѐ преуми?

Имајте предвид дека со прогонот врз верска основа, којшто го спроведуваше претходната Влада и кој беше констатиран од меѓународната заедница, а на кој, за жал сега и Вие се надоврзувате, не ѝ помагате на МПЦ. Доказ за тоа е фактот дека со таквиот пристап, таа сѐ уште го нема решено проблемот со кој се соочува.
За најновава дискриминација веќе ги имаме информирано дипломатските претставништва во нашава татковина, а сметаме дека е чесно да Ве известиме дека оваа претставка ја испраќаме и до: Европската комисија против расизам и нетолеранција, Европската комисија за превенција од тортура, нехуман или деградирачки третман, или казнување, како и до Комисијата за човекови права при Советот на Европа, кои како што Ви е познато не се незаинтересирани за сите видови нетолеранција што се јавуваат во нашата татковина.

Со почит,
Архиепископ охридски и митрополит скопски, г.г. Јован“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.