Како што се наведува, Вучиќ ќе учествува на разговорите за економска соработка меѓу Белград и Приштина, кои се организирани од Белата куќа.

Објавил: Катерина Крстиќ | 3 септември, 2020 10:15

ВУЧИЌ ОД ДЕНЕСКА ВО САД: Во Белата куќа денеска почнува дводневниот состанок за Србија и Косово

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од денеска до 5 септември ќе престојува во посета на Соединетите држави, соопшти Службата за соработка со медиуми на претседателот на Републиката.

Како што се наведува, Вучиќ ќе учествува на разговорите за економска соработка меѓу Белград и Приштина, кои се организирани од Белата куќа.

Како што беше наведено од Белата Куќа, домаќини на состанокот се специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел и советникот за национална безбедност на САД, Роберт О’Брајан, додека делегациите на Србија и Косово ќе бидат предводени од претседателот Александар Вучиќ и премиерот Авдулах Хоти.

Извори блиски до американската администрација изјавија дека САД немаат „таен план“ и дека темите ќе бидат економски, пренесува Бета. Според нив, ќе се разговара за три договори постигнати од двете страни: повторно воведување на авио линии и развој на железничкиот и патниот сообраќај.

Засега е непознато дали американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на состаноците.

По средбата во Вашингтон, планирано е високите делегации на Србија и Косово да имаат средба во Брисел на 7 септември за продолжување на дијалогот. Домаќин на состанокот ќе биде високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Џозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.