Герила акција пред Шилегов на активисти за заштита на животните

Објавил: Узунов Бобан | 17 септември, 2019 8:54

Герила акција пред Шилегов на активисти за заштита на животните

Фото/Текст извор: ©магазин

Активисти за заштита на животните упаднаа на собир во скопската населба Аеродром кадешто средба со граѓаните имаа градоначалниците на Скопје и Аеродром, Петре Шилегов и Златко Марин и поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Герила – акцијата следуваше откако вчера во населбата Аеродром непознато лице со секира уби две улични кучиња кои беа чувани од жителите повеќе од една деценија.

Фотографиите од мртвите кучиња облеани во крв сериозно ги вознемирија жителите на Аеродром кои ги најдоа рано утрината, а веднаш била повикана полиција да изврши увид.

Активистите на денешната средба носеа транспаренти со фотографии од мртвите кучиња на кои пишуваше „Мојот последен оброк“, „Можевме со секири, наместо со транспаренти“, „Не за убиства“.

Шилегов, Жерновски и Марин говореа пред граѓаните, незабележувајќи ги активистите кои сакаа да укажат дека кај институциите треба да се развие свеста за решавање на проблемот со уличните кучиња на хуман начин, а оние кои со примитивни методи им го одземаат животот, да бидат соодветно казнети.

-Дали ќе седите мирни додека психопат шета по скопските улици и убива животни и расфрла отрови во близина на училишта и детски градинки? Што ќе преземете како прв човек на градот, бидејќи не се чувствуваат безбедни, не само кучињата, туку и жителите на градот? – eден од активистите го праша градоначалникот Шилегов.

На ова Шилегов одговори дека за првпат е поведена постапка во МВР во Одделението за крвни деликти за убивање на куче и дека тоа досега не била практика.

-Немаме надлежности како локална власт да превенираме или да спречиме, доколку некој е луд и вршни крвни деликти и убиства – рече Шилегов.

Тој додаде дека е на иста страна со активистите и ги повика активистите на заедничка средба.

Шилегов денеска рече дека во почетокот на октомври ќе биде пуштен во употреба новиот стационар.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.