Бранко Героски со остри критики за функцинирањето на СЈО !

Објавил: Узунов Бобан | 12 март, 2019 13:05

Героски: Заев и Јанева ги контролираат истрагите и судските постапки покренати од СЈО ?

Фото/Текст извор: ©плусинфо.мк/магазин

Бранко Героски главен и одговорен уредник на порталот плусинфо.мк и дневниот весник Слободен печат во последната колумна објавена под наслов “Бомбите не смеат да бидат докази-и точка” смета дека СЈО е чир институција која има улога на прек суд и инсистира бомбите да не се употребуваат како докази туку само како индиции во кривичните постапки бидејќи тоа било основен принцип во правото. Со оваа колумна Героски отвори јавна дебата која требаше да се отвори уште во 2015 година кога се формираше СЈО. 

Героски смета дека со изјавата на Заев дека има доверба во тимот на СЈО, само се потврдиле шпекулациите дека Заев и Катица се во дослух кога се одлучува за кого СЈО ќе покрене обвинение.

Затоа денес СЈО сите ја гледаат како чир инситутција. Власта сака да го продолжи мандатот на СЈО затоа што од таму го влече легитимитетот на нивната политичка борба пред изборите во 2016 година, а опозицијата да одглуми конструктивност пред меѓународниот фактор дека се залага за владеење на правото. 

Има само една суштинска разлика помеѓу власта и опозицијата за СЈО! Заев сака да постои СЈО само ако на чело е Катица Јанева, Мицкоски без неа. Тоа е така затоа што новиот закон за СЈО ќе му обезбеди ексклузивитет во гонењето на кривични дела извршени од функционери, а во таков случај Катица Јанева би му ги чувала грбот на Заев кога би бил во опозиција.

Алелуја ! Колку кривични постапки се и пресуди се донесоа во изминатиов период каде СЈО ги употреби како докази овие бомби ? И нели е задоцнета општествената совест за ваквото грубо кршење на правото ? Со употребата на бомбите како докази, се направи невиден преседан по најмалку две основи. 


Прво, не се утврди одговорност за прибирањето и селекцијата на прислушкуваните материјали и формирањето на дата база на податоци од истите. За трагедијата да биде уште поголема, оваа група формираа и предводена од советникот за безбедност на премиерот Зоран Верушевски денеска се глорифицираат како херои во македонското општество. 

Второ, суверенот Заев си зема за право да ги земе прислушкуваните материјали да ги селектира и истите да ги употреби во политички цели без да има за тоа никакв одговорност.  


И  кога сите се согласни дека бомбите се  стекнати на нелегален начин,  македонското општество почнувајќи од политичари, професори и судии и обвинители му дадоа легитимитет како докази во постапката.  

Во прилог колумната на Героски

Провокацијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски успеа. Тој ја оспори Катица Јанева на позицијата шеф на Специјалното јавно обвинителство, а премиерот Зоран Заев, кој очигледно е сѐ полошо и полошо советуван (намерно?), веднаш се изјасни дека има доверба во целиот тим на СЈО, потврдувајќи ги така, за жал, можеби неоснованите шпекулации дека тој и Јанева заеднички ги контролираат истрагите и судките постапки покренати по иницијатива на ова обвинителство.

И така, расправата ја доби вообичаената површност и традиционалната или трагичната (кој како чита) фолклорна димензија – кој ја сака и кој ја мрази Катица и кој е вљубен или кој ѝ љубомори на Фатиме. Впрочем, како што често пишувам, персоналниот состав на СЈО од самиот почеток се третира како естрадна група и природно е што политичката дебата од расправа за системски прашања се сведува на ниво на една простачка атака и уште попростачка апологија на „трите грации“.

А клучното прашање што мора да се расчисти, покрај продолжувањето на мандатот на СЈО и неговото вкалапување во системот на контрола на власта (без што оваа чир-институција допрва ќе добива карактеристики на прек суд), е третманот на нелегално обезбедните аудио-снимки, кои во досегашните постапки беа прифатени како докази. Понекогаш, да не речам и почесто, во отсуство на други докази, овие снимки беа третирани и како крунски докази, врз основа на кои паднаа и првите пресуди.

Секој човек што има минимум познавања на правото ќе ви каже дека никој, во принцип, не смее да биде суден и осуден врз основа на нелегално прибавени докази. Во таа смисла, снимките, или „бомбите“, како што ги нарекувавме, мораше да бидат третирани само како индиции врз основа на кои ќе се поведуваат истраги и ќе се обезбедуваат „цврсти“ докази. За жал, неодговорната власт и егзалтираната јавност ги прифатија „бомбите“ како докази со кои може слободно и мериторно да се „разнесе“ нечија судбина.

Е тоа така веќе не смее да биде! Тоа е спротивно на сите правни принципи. Европа таква „правда“ не познава и не признава. Во иднина, снимките мора да бидат само индиции, а СЈО не смее и нив и сознанијата добиени од истрагите да ги споделува со јавноста (со одбрана група новинари), со цел обвинетите да ги „суди“ во медиумите и на социјалните мрежи. Таа досегашна пракса еден ден мора да биде основ за поништување на пресудите, поради компромитација на постапките. Да, новинарите ќе известуваат екстензивно за овие процеси, но од судница – не од брифинзите на СЈО!

Очекувам, се разбира, овој коментар, како и другите што ги пишувам на оваа тема, да се доживее како напад врз Катица и врз Фатиме и како „одбрана на криминалците“. Одговорив веќе на овие малоумни подметнувања. Ако биде донесена револуционерна одлука сите луѓе кои ги сметаме за „криминалци“ да ги елиминираме, има едноставен начин тоа да се стори – ќе ги построиме на Водњанска и сите ќе ги згазиме со камион. Но, со камион може само на улица. Не во судница.

Кој тоа го сфаќа, има право со мене на оваа тема мериторно да полемизира. Сите други критики ги рубрицирам во рубриката „Ма кој ве е.., будали едни!“

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.