Новинарот Бранко Героски ја критикува стратегијата на премиерот Заев

Објавил: Узунов Бобан | 6 јуни, 2019 7:59

Героски: Заев се лигави пред германскиот Бундестаг !

Фото/Текст извор: ©магазин

Новинарот Бранко Героски  во неговата последна колумна “Вака не се игра во струмички потсојуз, а камоли во Бундеслигата” ја критикува стратегијата на премиерот Заев за добивање на датум за преговори. Тој смета дека виновен за недобивањето на датум за преговори оваа година ќе биде никој друг туку СДСМ чиј учинок на претседателските избоори бил 310.000 гласови за разлика од тие на опозицијата која освоила 380.000 гласови. 

Во продолжение колумната на Героски:

Убеден сум дека и Германија и другите членки на ЕУ веќе имаат одлучено земјава да добие датум за преговори до крајот на годината, ама не сакаат да слушаат закани со нестабилност, а брзањето на Заев ќе го протолкуваат како негова несигурност и внатрешен проблем на Македонија. Премиерот мора итно да го менува пристапот во лобирањето. Овој ич не му чини!


Ајде прво малку да се пошегуваме, ако немате ништо против. Значи, вицот оди вака: Знаете ли што е тоа прва лига? Тоа е првата лига што ти се слева по брадата кога стануваш рано наутро. Проширено и надградено: Знаете ли што е Бундес лига? Тоа се лигавите аргументи со кои премиерот Зоран Заев се обидува да го убеди Бундестагот да ја искористи првата можност да гласа Македонија да добие датум за преговори со Европската унија.


Уф, станува сериозно… Не е работава баш за шегување.

Ајде уште еднаш, по стоти, ако не и по илјадити пат, да се разбереме за клучната работа, за која немаме дилеми. Имено, многу е важно Македонија итно да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Нагласувам, многу е важно! Напишав и пред некој ден: „Имаме ние многу најдобри извештаи, ама без конкретен датум за почеток на преговорите со ЕУ, наградата на Брисел за Заев ќе остане евтина цуцла лажалка. Не верувам дека владејачката партија тогаш ќе може да го одбие притисокот на опозицијата да распише предвремени избори и потоа пак ќе се вртиме во нашата погубна, самоуништувачка спирала – ќе се занимаваме со самите себе, пак ќе се крвиме, пак ќе се лажеме, пак ќе ветуваме, пак ќе избираме од лоши полоши“. И додадов, за да биде совршено јасно – преговорите за членство во ЕУ се последна шанса оваа земја да се доведе во ред и да почнат неопходните промени.

Јас не познавам сериозен аналитичар кој не го споделува ова мислење. Но сепак, да не се занесуваме дека Германија и Франција ќе се убедат итно да гласаат за датум за преговори, само затоа што Заев ги плаши дека „можното одлагање на одлуката од страна на ЕУ ќе ја стави во опасност владата и може да ги врати националистичките сили на власт“. И дека постоела опасност Советот на ЕУ да го сменел него, Зорана. Па затоа човекот не брзал со реконструкцијата на владата, оти чуму реконструкција ако ќе сме оделе на предвремени избори. Каква е таа чудна „логика“?!

Со вакви лигави аргументи, како што јави дописничката на МИА од Брисел. нашиот премиер брифирал избрана група новинари од странските медиуми во врска со гласањето во германскиот парламент. Не знам дали некој од странските колеги бил импресионирам и ја лапнал приказната на македонскиот премиер, но знам сигурно дека на членките на ЕУ нема да им се допадне начинот на кој Заев и неговиот албански пријател Еди Рама го користат најлошиот можен метод за убедување – заплашување со нестабилност, во секоја од земјите поединечно, но и регионално.

Тоа не е добар пристап. Таа финта отсекогаш тешко се продавала. Другарот Заев треба да научи (или некој да му објасни) дека така веќе не се игра ни во струмички потсојуз, а камоли во Бундес лигата. Убеден сум дека и Германија и другите членки на ЕУ веќе имаат одлучено земјава да добие датум за преговори до крајот на годината, ама не сакаат да слушаат закани со нестабилност, а брзањето на Заев ќе го протолкуваат како негова несигурност и внатрешен проблем на Македонија.


Всушност, така како што е реално. Ако се случи владата на Заев да потклекне пред притисоците на опозицијата, па да падне, за тоа нема да бидат виновен ни Бундестагот ни Советот на ЕУ. За тоа ќе биде виновен владејачкиот СДСМ, чиј учинок на последното изборно одмерување на силите (скромни 310.000 или нешто повеќе гласови на претседателските избори) е драстично послаб од резултатот на опозицијата (близу 380.000 гласови). За тоа не е виновна фрау Меркел. Германци не гласаа на изборите во Македонија.


Покрај и наспроти сѐ, нема дилеми дека нашата земја заслужува да биде наградена со брза објава на датум за почеток на преговорите со ЕУ. И тука јас безрезервно се согласувам со премиерот и го поддржувам во неговата намера засилено да лобира за таа цел. Но, не вака. Никако не вака! Треба одлучно, но без паника. Треба упорно, но со такт. Нашата позиција треба да ја браниме не со драмолетки, туку со реални, цврсти аргументи. А такви има. Не премногу, но има. Треба само да се знае како да се исползуваат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.