Героски за Заев во најновата колумна

Објавил: Узунов Бобан | 14 август, 2019 15:19

Героски за Заев: Човек без карактер, човек кој од душа има само дно !

Фото/Текст извор: ©plusinfo.mk/магазин

Го прочитав „објаснувањето“ на премиерот Зоран Заев за својата шокантна изјава, во која обвини „група криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ за уривање на власта. За жал, ова „објаснување“ и неговото лицемерно „жалење“ дека бил „погрешно разбран“ покажуваат дека премиерот нема личен демократски капацитет и човечка доблест да ја повлече својата скандалозна изјава. -напиша на плусинфо новинарот Героски.

Што ни објаснува Заев?

„Зборувам за карактери на луѓе и нивно однесување“ – вели тој во интервју за МИА и додава:

„И како што од дно на душата ги почитувам и промовирам суштинските вредности на новинарската професија, а тоа се целосната слобода на говор, изразување и критика, така имам полно право да дадам и карактеристика дали некој суетно или со други намери креира впечаток во јавноста“.

Некој мора да му каже на премиерот дека нема такво право какво што си присвоил. Заев нема право да води дебата за карактерите на луѓето. Не како премиер. Па дури ни како сопруг, брат и татко – за своите најблиски. Да „дава карактеристики“ за карактерните особини на други луѓе (вклучувајќи ја и „карактерната особина“ што тој ја препознава под поимот „педер“), може само човек без карактер, човек кој од душа има само дно.

„Во исто време“ – вели Заев – „моја обврска како премиер е да ги информирам граѓаните за сите појави во општеството и нивната позадина. Ова во никој случај не значи никаква закана, ниту застрашување, влијание или притисок врз било кого во неговата работа, без оглед какви се намерите. Ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, навистина жалам и затоа го давам ова појаснување, но останувам на моите определби за кои претходно зборував, како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел“.

Какви „позадини“? За што тоа премиерот ги „информира“ граѓаните? Дека „еден суетен новинар“ и „еден педер“ му ја рушат власта? Тоа бедно оговарање ли се „вредностите“ за кои Заев отсекогаш се борел? Не, некој мора да му каже на премиерот дека неговите застрашувања на јавноста со „позадини“ и „заговори“ за рушење на власта (која самата себеси толку успешно се руши што не мора никој да ѝ помага) е директен притисок врз слободата на изразување и обид за заведување цензура.

„А зошто под квалификативот ‘еден суетен новинар’ се препознал новинарот Бранко Героски – заклучува кандидатот за Нобел – тоа треба него да го прашате“.

Безмалку 24 часа после неговата безобразна изјава, јас сум предмет на жестока харанга на партиските послушници и на ботовите на Зоран Заев. Клевети, навреди, закани – инспирирани од лидерот кој наводно се бори за слобода на изразувањето. Вознемирено е моето семејство, се плашат да ми се јават пријателите, добивам пораки со поддршка во инбокс со замолница да не ги споделувам за да не се дознае од кого се… Сето тоа го поттикна „големиот борец“ за демократија и човекови слободи, онака баш „од дното на душата“.

Овој човек, кој себеси си се претставува како Зоран Заев – па симптоматично повторува „јас сум Зоран Заев“, во обид себеси да се убеди во тоа – јас навистина не го познавам. Да не е некој пранкер преправен во Заев? Јас се сеќавам на еден друг Зоки, чија душа имаше нешто повеќе од дно.

Ако сака самиот да направи разликата, нека ја проучи сопствената фацијалната експресија на фотографиите при неговите последни изјави (вклучувајќи ја и вчерашната) и нека ја спореди со ликот од оваа фотографија, снимена на петгодишнината на „Слободен печат“:

А бидејќи, ете станал стручњак за карактери, со лиценца да дели карактеристики, сам ќе ја сфати огромната, трагична разлика.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести