Познатиот новинар со порака за идните чекори на претседателот Пендаровски

Објавил: Узунов Бобан | 13 мај, 2019 15:03

Героски за помирувањето на Пендаровски: И кокошката кога ќе снеси јајце вреви како да снела астероид

Фото/Текст извор: ©магазин

Познатиот новинар Бранко Героски во денешната колумна објавена на порталот плусинфо, испраќа порака до претседателот Пендаровски дека неговиот повик за обединување мора да биде вистински со прифаќање на разликите, а не со нивно потиснување и дека се друго би било дневнополитичка манипулација.  

Иако Пендаровски за целата изборна кампања испраќаше пораки на обединување и заедништво направи две клучни грешки токму по ова прашање, прво на инагурацијата не беше поканет лидерот на опозиција Мицковски, а премиерот Заев воопшто не се појави што може да се толкува како непочитување на фуннцкијата претседател и второ со првата изјава Пендаровски не почитувајќи ја презумпцијата на невиност изјави дека за сите лица за кои се водат истраги а се вработени во Агенцијата за разузнавање ќе следат откази. Овие потези на Пендаровски имаат голема симболика во поговорката со кокошката спомената во колумната на Героски. 

Ми се допадна фактот што една од првите пораки на новиот претседател Стево Пендаровски – по онаа утка со „слушајте го врховниот командант“, што му ја отпишувам на име на славеничката еуфорија – е таа за помирувањето на нацијата. Во право е кога вели: „Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина што можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка“.

И добро е малку повеќе и понастојчиво да се вреви за помирувањето, иако вревата, сама по себе, не значи ништо. И кокошката, како што вели Марк Твен, кога ќе снесе јајце, вреви како да снела астероид. Ако ја погледнеме поновата македонска историја, не ни недостасуваат наративи за некакво единство. Заедно можеме. Заедно за Македонија. Не ме оставајте сам. Ви текнува? При секоја политичка криза, ние страхуваме дали политичарите ќе бидат доволно заедно и доволно силни да ја освојат власта. Дали ќе успеат да бидат единствени за да се одржат на кормилото или ќе паднат. И дали ќе направат коалиција или ќе растурат. И дали ние ќе успееме да им ги симнеме ѕвездите и да им бидеме доволно лојални…

Во една стара колумна од далечната 2004 година, прашав – а што доби нацијата од тоа единство? Илјадници умни луѓе, што ги познаваме и ги среќаваме секој ден, преку ноќ заглупуваат, дозволувајќи единството на силата и митот за еднаквоста и лојалноста да им ја задушат нивната индивидуалност. Сер Винстон Черчил вака се подбиваше: „Јас ги сакам свињите. Кучињата нè гледаат со поглед од долу. Мачките нè гледаат одозгора. Свињите нè третираат еднакви на себе“. Солидна основа за обединување.

Што сакам да кажам со ова, почитуван претседателе Пендаровски? Истото што се обидов да го објаснам и пред петнаесет години.

Имено, ако сме умни луѓе, ние ќе го одбиеме повикот да се обединиме потиснувајќи ги разликите меѓу себе и обидувајќи се да „снесеме“ нешто што ќе се нарече „единствен, стратегиски, државен интерес“. Таа смешна приказна за едно езотерично обединување, воздигнато на рамниште на стратегија или дури и на „философски“ дискурс, на крајот пак ќе се сведе на дневнополитичка манипулација. Како и секогаш. Да се повикува на единство без вистината, не е ништо подобро од заговор, вели еден умен човек. А вистината е дека би можеле да се обидеме да постигнеме единство во разбирањето дека сме различни и дека треба да останеме различни, да се судираме без да се фаќаме за пистолетите, да копнееме и да сонуваме без фодули, да градиме. Вистината е дека Македонија нема да биде среќна и просперитетна земја ако не се обедини во политичка нација на храбри и отворени индивидуалци.

Јас очекувам Пендаровски да се вложи за едно такво обединување. И тоа навистина е неговата прва и најважна задача. Зашто, во Македонија мора да се охрабрат креативните потенцијали на луѓето, чија лојалност ќе ги надмине границите на нивната партија и класа, на нивниот етнос, на нивното „племе“, за заедно да развиеме нешто што би можело се нарече европска, па дури и светска перспектива за нашата татковина. Бидејќи резервни татковини сега имаме, ама сè уште нема поубава од нашата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.