Судир помеѓу Заев и Героски

Објавил: Узунов Бобан | 24 јули, 2019 14:42

Героски: Му порачувам на премиерот Заев да не ме забавува со комични препораки

Фото/Текст извор: ©магазин

Заев на прес објави дека Владата работи на изработка на акциски план за справување со дезинформациите, што подразбира и акциски план се презема како чекор против сајбер заканите и масовното ширење дезинформации.

На истата прес конференцијата премиерот Зоран Заев му препорача на новинарот Бранко Героски да пријави во надлежните институции, а не да бара средба кај него во врска со случајот “Рекет” Героски во колумна му одговори на Заев да не му дава препораки како да постапи. 

Во прилог целата колумна на Героски: 

Кампањата против лажните вести премиерот Зоран Заев ја отвори со одговор на лажна вест што самиот ја слушна, кажана од еден фејк новинар, кој е неизбежен декор на секоја владина прес-конференција. Што е резил за Владата само по себе…

Може ли премиерот и целиот тој апарат за борба против лажните вести да посочи во кој напис сум го нападнал Зоран Заев? И колку е медиумски писмено и културно премиерот да одговара на лажна вест, згора на тоа и во мое отсуство?

Му порачувам на премиерот Заев да не ме забавува со комични препораки каде и што треба да сум пријавел. Си има тој свои соработници и блиски луѓе што може да си ги подучува и на кои може да им наредува. На мене – не!

Јас сум слободен новинар, самиот одлучувам што пишувам, кому се обраќам и со кого би сакал да разговарам. За да ја задржам својата слобода, си дадов оставка во „Слободен печат”. Два пати оставка не можам да ви дадам…

Не ми пречи неспремноста на Заев со мене да оствари средба и разговор за една значајна тема, која нема врска со истражните органи. Тоа си е негова легитимна одлука. Моето барање беше искрено и културно адресирано.

На крајот на краиштата,, секој избира со кого сака да разговара. Секој избира со кого му врви муабетот. Секое грне на крајот си го наоѓа своето капаче.

„Капачето” на Заев го видовме и го слушнавме денеска. Ме изеде туѓиот срам…

Поздрав, премиере Заев. До читање.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести