Најголем сомнеж фрла ноторниот факт дека овој закон, така како што е срочен, се обидува да регулира материја за која е „надлежен“ еден друг закон.

Објавил: Мате Парлоф | 15 февруари, 2020 13:32

ГЕРОСКИ: Нека ви е на здравје законот на сите што ќе си обезбедите неказнивост за вашите злодела!

Фото/Текст извор: ©плус инфо

Не знам дали овој парламентарен состав, пред самото распуштање, ќе го усвои новиот закон за Јавното обвинителство. Очекувам тоа да се случи. Гледам, постои јасно изразена волја на парламентарното мнозинство да го усвои текстот на законот, за кој значаен дел на експертската јавност веќе се изјасни дека во многу делови е лош, неконзистентен и напишан со сомнителни мотиви.

Најголем сомнеж фрла ноторниот факт дека овој закон, така како што е срочен, се обидува да регулира материја за која е „надлежен“ еден друг закон.

Имено, што е доказ а што не е, а и како се манипулира со доказите во кривичната постапка, се прашања што ги регулира Законот за кривична постапка (ЗКП), а не Законот за Јавното обвинителство.

Наспроти ова, новиот законски проект на СДСМ прави обид да воспостави нов преседан, нов lex specialis, исто таков каков што се воспостави со оној несреќен закон со кој се регулираа надлежностите на македонскиот прек суд, на сега веќе самораспаднатото и самопосрамотено Специјално јавно обвинителство.
Новото лошо законско решение за третманот на нелегално прибавените докази при покренувањето обвиненија е индиција дека во поттекстот на овој проект постои некаков конкретен или можеби премолчен договор едни „бомби“ да експлодираат и да се третираат како докази, а други да се демонтираат за сите времиња. Тоа, освен што е противуставно, не е ни фер, бидејќи граѓаните на тој начин се ставаат во нерамноправна положба.

Јас, не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност. Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е кога ќе види неправда и да реагира по истата.
Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во Министерството за труд и социјална политика.
Во меѓувреме треба да и заблагодариме на вицепремиерката за економски прашања, заради тоа што не ја сменила таблата и со тоа длабоко во себе препознава дека ова е Република Македонија и ова е македонски народ!

Но, кој во оваа општа калакурница пред распуштањето на парламентот, да мисли што е фер и уставно, што велат експертиите и дали можело и може поинаку?!

Централната полемика во врска со новиот закон за ЈО (ако размената на меѓусебни обвинувања и пропагандни спинови воопшто може да се нарече полемика) беше прашањето дали контроверзниот законски текст обезбедува казнивост на политичките и на другите моќници или претставува обид на наследиците на поранешниот режим (според СДСМ), или на сегашниот хибриден режим (според ВМРО) да си обезбедат неказнивост, нешто како скриена амнестија.

Како што пишував повеќе пати во овие две години, на дневен ред се наметна прашањето што порано или подоцна мораше да се наметне – третманот на нелегално прислушуваните материјали, но и воопшто, третманот на нелегално прибавените докази во кривичната постапка. Последниот предлог на владата на СДСМ, кој, извесно е, ќе биде прифатен, предвидува лошо, би рекол дури и многу лошо решение, кое ги продлабочува вкупните контроверзи во врска со овој закон.

Имено, интенцијата на законодавецот, која се гледа од првиот став на предложениот член 110, е Јавното обвинителство да не може да засновува обвинение врз основа на нелегално прислушувани материјали (не знам зошто се инсистира само на „нелегално прислушувани“, а не пошироко, на „нелегално прибавени“ материјали, како што би требало). Следствено, ако нема обвинение, нема ни судска постапка. На тој начин овој закон се поставува во позиција на „посилен“ од Законот за кривична постапка, што е недозволиво.

На прв поглед, да е само само тој прв став од членот 110, ова би личело на некакво „усогласување“ со ЗКП, кој во членот 12 став 2 експлицитно забранува било какво користење на нелегално прибавени докази во судска постапка и засновување на судска пресуда врз такви докази. Иако, треба да се знае дека европската судска пракса, барем според пресудите на Европскиот суд за човекови права, инсистира ваквите спорни материјали сепак да можат да се користат во постапките, но врз основа на нив да не може да се засновува судска пресуда.
Проблемот е во тоа што понатамошниот текст на овој член од законот за ЈО предвидува исклучоци од почетниот став. Првиот исклучок се предметите на СЈО поднесени до надлежниот суд до 30 јуни 2017 година. За овие предмети, ставот 1 нема да важи.

Тоа значи дека ексклузивно за овие предмети, „бомбите“ ќе бидат валидни докази. Вториот исклучок се снимките, транскриптите и материјалите до 15 септември 2019 година, кои ќе можат да се користат само како „индиции“ и на нив нема да може да се засновува обвинителен акт (следствено, ни судска постапка). После овој критичен датум, важи основното законско решение.
Да повторам. Ваквото комплицирано законско решение укажува дека во поттекстот постои интенција предметите покренати од страна на СЈО да се одржат во живот, додека Обвинителството понатаму да се лиши од „лускузот“ што ѝ беше обезбеден на специјалната обвинителка Катица Јанева, да ги користи нелегално прибавените материјали и како индиции и како докази (а таа ги користела најмногу за … знаете веќе што). Впечаток е дека мотивот сепак е да се обезбеди неказнивост на некои поранешни, на некои сегашни и на некои идни моќници во политиката и во бизнисот, за кои би се појавиле „бомби“ кои би укажувале на сериозен криминал и корупција, или веќе се појавиле, ама поради разни „политички консидерации“, едноставно не станале докази.
Ова раѓа еден многу непријатен сомнеж во јавноста дека станува збор за некаков политички договор „под маса“. Договор, чиј работен наслов би бил, да речеме, ваков: Мафијаши од сите страни, обединете се!

И затоа прашувам, зошто законодавецот, едноставно, не предвидел решение согласно праксата на Европскиот суд за човекови права? Ако се поставиме чесно, целата оваа збрка е непотребна. Доволно било во законот да се каже дека Јавното обвинителство може да користи нелегално прибавени материјали, но врз основа на нив не може да засновува обвинение. Дури, можелo да се оди и чекор понатаму, да не се ограничува дури и засновувањето на обвинението со користење на такви материјали, а да се постигнел политички договор за брза промена на член 12 став 2 од ЗКП, па таму да се каже дека вакви материјали можат да се користат како докази, но врз основа на нив не може да се засновува судска пресуда. И со тоа да се стави крај на целата рашомонијада.
Зошто нема политичка волја законот да важи еднакво за сите и за никого да нема неказнивост?
Ете, кај нас така не може. Кај нас политичките интереси (какви и да се, не сакам да шпекулирам), секогаш ја победуваат правничката логика. Слабостите на ова, но и на некои други решенија во текстот на законот за ЈО, ќе се покажат во праксата. Кога ќе се јават проблемите, веројатно тогаш ќе се сетиме дека требало да се оди кон едноставно, приницпиелно и трајно решение. Но, зошто просто, кога може комплицирано?
На крај, уште нешто.

Во текот на целата расправа за текстот на законот на ЈО, се воздржував од коментари. Од една страна, мислев дека збор треба да им се даде на експертите. И дека експертското мислење треба да надвладее. Така мислам и сега. Јас, иако се есапам за пристојно информиран новинар за овие теми, не се „продавам“ за експерт, далеку од тоа. Одозгора на тога, што би рекол Заев, не сакав со своето мислење да придонесам за погрешни толкувања и за злонамерни спинувања, најмалку пак да го свртам вниманието кон себе.

Некои тоа едвај го чекаат…
И затоа, еве сега, кога новиот закон е на прагот на непречено усвојување, си ја земам слободата да кажам каде се згрешило за едно од најважните прашања што ги третира овој текст.

Мојот заклучен коментар е груб, но поинаков немам – вака, другарчиња, не се гради држава во која ќе владее правото, вака само се доградува постоечкиот хибриден режим.
Нека ви е на здравје законот на сите што ќе си обезбедите неказнивост за вашите злодела!

Бранко Героски

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

Ми се смачи веќе, кога ќе го читам името Никола Груевски со неговите статуси. Се до оној момент додека не го прифати таканаречениот "пржински договор" со кој доброволно се откажа од власта , ставав рака во оган за обој човек, бидејќи мислев дека е вистински патриот и заштитник на својот народ.

Груевски и Мијалков се виновниците поради кои денес лежат во затвор невини луѓе

Грешките кои ги направи Груевски кога не го притвори Зоран Заев и веднаш не го избрка...

Значи од 16 Министерства дури на 9 ( девет) се Албанци што произлегува дека од 25% ( доколку гласале сите гласачи ид 25% Албанци во Македонија) тие партипицираат дури со 60% или 220% повеќе од тоа што би било природно (25%) што е и договорено со таканаречениот Рамковен Договор.

Албанци декларирајте се како Македонци во Македонија

На фудбалските натпревари Македонија со Албанија да навивате за Македонија. Да ги...

Според последните статистики од 30 Април 2022 , Долгот на американската влада се зголеми за приближно 1,2 трилиони американски долари на годишно ниво на проценет вкупно околу 30,50 трилиони долари во 2021 година. За 2022 година, националниот долг на САД се предвидува да биде околу 31,83 трилиони американски долари.

Америка најзадолжената земја во светот, сеуште глуми супер нација со демократски вредности

Америка најзадолжената земја во светот сеуште глуми супер нација со демократски вредности. Американскиот...