Продолжува серијалот на објавувања на случаи на рекет од страна на новинарот Бранко Героски.

Објавил: Узунов Бобан | 17 јуни, 2019 8:52

Героски објави трет случај на рекет каде биле платени 200.000 евра, се споменува и СЈО

Фото/Текст извор: ©plusinfo.mk/магазин

Продолжува серијалот на објавувања на случаи на рекет од страна на новинарот Бранко Героски. Во нова колумна насловена “Како Коки, Кики и компанија рекетарските уцени ги „ботоксираат“ со „бомби“ и се фалат дека се од арсеналот на СЈО!” објавена на порталот плусинфо, Героски обзнанува трет случај на рекет каде жртва бил поранешен скопски градночалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.


Медиумско-рекетарската афера која прв ја објави Бранко Героски добива сериозни димензии и во јавноста се создава се поголем притисок истражните органи да отворат случај по допрен глас.


Во прилог колумната на Бранко Героски:

Како се „колат“ жртвите? Има разлика од порано. Ова сега е „француска обработка“. Такво е искуството и на еден поранешен градоначалник на скопска општина, кој платил рекет од 200.000 евра за стара дубара.

Мојата втора приказна за рекетарската група што сее страв низ Македонија, под наслов „Како Трајанка одбила да им даде општински пари на опасните рекетари Коки, Кики и компанија“ предизвика интересни реакции. Ми се јавија неколку луѓе од градот во кој рекетарите, предводени од Коки и од нивниот голем спонзор од истиот град, неуспешно се обиделе да брцнат во општинската каса, за некаков проект за изградба на објект за социјални грижи (намерно ги изоставувам детаљите за тој проект и повторно ги предупредувам надобудните да не се истрчуваат). Сите ми ја потврдија приказната.

Но, истовремено, од нив слушнав нешто уште повознемирувачко во врска со овој „проект“. Ако рекетарите не успеале кај Трајанка, успеале во оној туристички центар, каде што и почна оваа сага, со онаа неверојатна и тажна приказна за тоа како еден наш мал хотелиер бил притиснат да „поддржи“ еден наш познат медиум, но поради сплет на околности, кои можеле да завршат и трагично, човекот сепак се спасил од рекетарската багра. Е, токму во тој град, членот на групата кого го крстив Мики, инаку локален партиски моќник, успеал во намерата општината, на Коки и на неговиот партнер и спонзор, да им додели атрактивна парцела, на дваесеттина метри од езерото, за изградба на таков објект. Нормално, парцелата е дадена бесплатно, заедно со сите пропратни дозволи. Но, наместо да се гради таков објект, слушам дека рекетариве парцелата ја продале за неверојатни 2 милиони евра, на градежна фирма од еден соседен туристички град. И така, таму сега се градел станбен комплекс од приземје, четири ката и поткровје.

А кој да ги знае, можеби грешам, можеби таму сепак се гради објект за социјални грижи и можеби социјално згрижените веќе уживаат во благодетите на влијателниот „хуманитарец“ и шетаат покрај езерото. Треба да се провери…

 

Кој си ја ишка мувата од капата?

Интересна реакција (колумна) беше објавена на нашите портали. Ако добро разбрав, познатиот автор, инаку мој стар пријател, тврди дека целта на овие приказни што ги пишувам јас, е да се нападне Специјалното јавно обвинителство, а во полза на интересите на некои локални олигарси и моќници. Слична глупост (навистина многу се извинувам што оваа теза не можам да ја наречам поинаку, освен како тешка глупост) истресе и оној поликлинички случај, оној непрокопсаник, на чиј парапортал рекетарската багра ми возврати со силен клеветнички напад, мислејќи дека така ќе ме исплаши. А им реков дека тоа нема да ме замолчи…

Додуша, многумина ми поставуваат легитимно прашање – зошто се воздржувам јавно да ги објавам имињата на рекетарите и на оние кои биле рекетирани, зошто им смислувам прекари и пишувам приказни кои сега, објективно, се само фикција. Има за тоа две причини. Прво, јас не сум истражувачки новинар. Во Македонија има истражувачки и „истражувачки“ новинари – првите се чесни исклучоци, а вторите се избрани од луѓе околу власта, за да им се доставуваат компромитирачки материјали за одделни личности и потоа да се пишуваат „истражувачки стории“. Јас не сум ни од едните ни од другите. И второ, истражувањето на ваков грандиозен рекет е сериозна работа, со која треба да се занимаваат истражните органи. Слушам дека нешто и се работело во таа насока, ама не сум сигурен. Во секој случај, не сум квалификуван да бидам истражител. Најмалку обвинител и судија. Јас само слушам приказни и легенди и ви ги прераскажувам. За тоа ме бидува, тоа е мојот занает.

Го бидува и мојот пријател, но навистина се изненадив кога тој моите приказни ги доведе во врска со некаков мој наводен, измислен секако, „напад врз СЈО“. Од каде сега ова? Во првите две продолженија од оваа сага за рекетарите, јас воопшто не го спомнав СЈО. За релациите на таа институција, или попрецизно – на еден лик од СЈО, со спомнатата рекетарска група, имав намера да пишувам малку подоцна, но ете, кај некои веќе проработил чичко Фројд, па предвреме си ја ишкаат мувата од капата. Самите најдобро знаат зошто го прават тоа.

Како поранешен градоначалник на скопска општина платил 200.000 евра

Сите ние сме слушнале за личната врска на еден лик од СЈО со еден медиум, но во овој момент, јас не можам да потврдам дека станува збор за истиот медиум за кој јас пишувам. Може да, а може и не. Но сепак, во кулоарите наголемо се раскажува дека газдата на медиумот, нашиот влијателен и екстравагантен Коки, како и неговите другарчиња, своите закани до лицата таргетирани за рекет редовно ги „ботоксираат“ со тврдења дека располагаат со „бомби“ и „инсајдерски“ информации, кои наводно ги добиле од СЈО. Мислам дека и за СЈО е здраво да се огради, или барем да ја објасни својата релација со оваа рекетарска група, која медиумот го користи само за уцени и закани.

Како и да е, се шират приказни дека Коки, Кики и компанија се фалат дека располагаат со „бомби“ (нелегално прислушувани разговори). Со нив ги плашат жртвите. Така, на пример, веќе како општо познат факт се смета приказната за еден поранешен градоначалник на скопска општина, од времето на Никола Груевски, кој бил повикан во едно такво друштво, му биле изложени „инсајдерските“ информации и документи за една негова стара дубара и човекот, видел не видел, си платил според тарифата – 200.000 евра.

Сеансите на тоа друштво, во познати скопски локали (чии имиња, од рабирливи причини, овде исто така ќе изостанат), обично почнуваат во поширок состав. Газда Коки сака да ја импресионира жртвата, па тука обично се појавува не само почитуваниот Кики, туку и уште еден познат лик од владејачката партија, па по некоја личност од џет-сетот, типчиња од разузнавачкo-безбедносната заедница и слични фаци.

Коки е галантен, како и секогаш, па на масата се цевчи виски, а понекогаш се дува и се зема од она „пола“ (се мисли на масло од канабис, кое во Македонија може легално да се набави). Како што минува вечерта, друштвото се стеснува, гостите повикани за „уметнички дојам“ или си заминуваат или се повлекуваат на други маси, додека Коки и најчесто Кики остануваат сами со жртвата.

„Колење“, па „француска обработка“

Обично прв зборува Кики, за да го објасни политичкиот контекст и нуждата да се помогне „нашиот“ медиум. На жртвата (во случајов, тоа е поранешниот градоначалник), тој обично ѝ ја раскажува истата мантра:

– Ти знаеш дека ние сега сме на удар. Криминалната банда на чело со Груевски сака да се врати на власт по секоја цена. Затоа на удар е и СЈО. Оти, таму нели има многу „бомби“, ама и искази на сведоци и други документи, поради кои тие можат да завршат во затвор. Освен тоа, се појавуваат и материјали за други личности, за кои сѐ уште не се отворени истраги.

Тука се уфрла Коки со неговото пискаво гласче:

– Што не значи дека нема да се отворат! Даааа…

Секој што е викнат во ова друштво насетува што следи. Невините, но и виновните а наивни, не се даваат лесно и тие обично се „колат“ на повеќе сеанси. После следува „француска обработка“. Но, за нашиот поранешен градоначалник велат дека паднал веднаш, уште на првата сеанса.

– Тоа што сте биле принудени за вашиот нелегално изграден објект да постапите како што сте постапиле и тоа што сте дале поткуп кај поранешната власт, тоа ви е голема грешка. Ама ние не сме како нив. Има разлика, нели? – вели Кики.

– Е има, да… – кисело вели жртвата.

– Дааааа…. Има разлика! Но, вие мора да ни помогнете тие што ве уценувале никогаш веќе да не се вратат на власт. За тоа се потребни и медиуми, а на медиумите им е потребна поддршка. Знаете ли вие колку пари се потребни да се води еден медиум, да се ангажираат новинарски ѕвезди какви што имаме ние? – писка Кокичето наше.

Велат дека нашиот градоначалник платил без збор. Од поодамна тој е скршен, дел од имотот и од бизнисот веќе му е земен, а по промената на власта, на вратот веќе има нови крлежи. Еден помалку или повеќе, сеедно…

Главниот спонзор се повлекува?!

По три нешта оваа рекетарска група се разликува од сите други за кои сумслушнал (да, другарчиња, има и други групи). Првата работа е што главниот рекетар Коки троши огромни суми кеш (што за себе лично, што за медиумот), кои не може да ги обезбеди во доволна количина ни со спонзорства ни со рекет од домашни извори. На тоа се надоврзува втората специфика на оваа група – таа „увезува“, а веројатно и „извезува“ кеш во една соседна земја. Третата, клучна карактеристика е што главен партнер на Коки и на Кики во овој увоз-извоз е близок советник на власта, кој потекнува од таа соседна земја. Вистинскиот странски извор на тие пари, пак, засега не го знае никој од информираните извори со кои сум разговарал за темава.

Но, за тоа и за опасните политички импликации од таа врска, ќе стане збор во следните продолженија на оваа рекетарска сага. Да да, другарчиња, да не мислевте дека тука запирам?

Во меѓувреме, да додадам уште две ситници.

Веднаш по објавувањето на приказната за Трајанка, во која спомнав дека жртва на рекет бил и еден познат градежник од спомнатиот туристички центар, ми се јави еден познаник, кој е голем пријател на владејачката партија.

– Геро, знам дека јас и ти имаме едно непријатно искуство од минатото, кога нашите пријатели ме натераа да седнам со тебе и да те вразумам за една работа. Ама, сега ти се јавувам да ти честитам за написите и да ти кажам дека до мене седи градежникот за кого пишуваш. Те поздравува – ми вели познаникот.

– Поздрави го и ти него и се надевам дека не му предизвикав непријатности – одговарам јас.

– Не, не, напротив. Вели дека барем за неговиот случај, сѐ што си напишал е точно, од збор до збор. И уште вели да не му се секираш, бидејќи наскоро и тој и повеќе луѓе ќе се охрабрат и ќе зборуваат отворено. Ова веќе не се трпи – вели познаникот.

Можеби потврда за тоа е и шпекулацијата што ја слушнав од друг извор, дека големиот спонзор и партнер на Коки се откажал од спонзорството и дури си ги барал и парите назад. Вреди да се истражи…

Но, кој сум јас да истражувам? Нели за тоа постојат истражувачки новинари и истражни органи? Јас само слушам, запаметувам колку што можам и раскажувам. Своите извори не ги оддавам никому, а ако некој ме праша дали сево ова што го пишувам е вистина, одговарам едноставно –  зависи од тоа во што сакаш да веруваш.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести