Героски за божемната борба против криминалот

Објавил: Узунов Бобан | 23 септември, 2019 8:38

Героски: Преку божемна “борба против криминалот” власта ја дисквалификува опозицијата пред избори !

Фото/Текст извор: ©магазин

Во Македонија не постојат две или повеќе мафии, туку постои една единствена мафија, која владее со државата. Народот е разединет и раскаран како никогаш досега, но затоа мафијашките групи се цврсто обединети и солидно координирани. А за да не се види ова, сега ќе ви ставаат розови очила, за да гледате само успеси и живот што блика на сите страни. 

Претпоставувам дека нема потреба да ве убедувам во она што и самите добро го знаете – голем дел од граѓаните на Македонија се длабоко разочарани од нерешителноста и од отсуството на волја на владата на Зоран Заев да спроведе коренити системски реформи во правосудството и да се справи со криминалот и корупцијата во која се вмешани луѓе и од претходната, но и од сегашната владејачка гарнитура. Јасно е како бел ден дека не постои спремност ниту да се создаде одржлива правна рамка за ефикасно гонење на криминалот и на високата корупција, ниту да се поведе одлучна акција за спроведување на правдата во рамките на постоечките закони и правни процедури. Наместо тоа, упорно се форсираат еден веќе прочитан правен и политички волунтаризам и силната желба по секоја цена, во името на божемната „борба против криминалот“, да се дисквалификува опозицијата пред претстојните парламентарни избори.

По избивањето на аферата „Рекет“, стана совршено јасно зошто оваа власт го наметна тој дискурс – затоа што важни личности од политичкиот естаблишмент биле вмешани во криминалот и во високата корупција, а владејачката партија упорно се обидува да ги скрие и политички да ги заштити. Тоа внесува силен немир кај сите граѓани и посебно револт токму кај луѓето што ја поддржаа револуционерната промена на режимот на Никола Груевски водејќи се од паролата „нема правда, нема мир“. Дополнително, разочарувањето на народот фрли сенка и врз позитивните достигнувања на оваа власт, кои не се за потценување и кои ги спомнував во неколку наврати.

Граѓаните на Македонија денес не се расположени да слушаат за никакви и ничии успеси, зашто се под импресија на една страшна вистина што ја видоа со своите очи – во Македонија не постојат две или повеќе мафии, туку постои една единствена мафија, која владее со државата. Или, да бидам попрецизен, постои една група луѓе која, како некаква мафијашка комисија, ги усогласува интересите на разните мафијашки групи, без оглед што многу од нив се со различен политички бекграунд. Народот е разединет и раскаран како никогаш досега, но затоа мафијашките групи се цврсто обединети и солидно координирани.

 

Затоа, токму оние некадарници, оние апологети кои денес ја замајуваат јавноста со спиновите дека една група новинари, адвокати и луѓе од други бранши се обидувале да ја спречат власта да се справи со криминалите на претходниот режим, токму тие дебело платени пропагандисти на власта се вистинските адвокати на ѓаволот, загрижени бранители на единствената и обединета македонска мафија. Допуштам некои од нив и да не се свесни за таа своја ролја, но тоа не е никакво оправдување.

Како и да е, разочарувањата на јавноста се толку големи што, според моите информации, дури и аналитичари блиски до власта проценуваат дека во овој момент потенцијалниот одѕив на избирачите на евентуални итни парламентарни избори би бил околу 30 отсто. Со таков одѕив, ние не можеме да добиеме легитимно законодавно тело. Тоа зборува за страшна недоверба на граѓаните во власта, во институциите на системот, во партиите и во политичарите воопшто.

Тоа е и причината поради која владата на Заев деновиве, како што слушам, дизајнира масивна пропагандна кампања, чија цел е промоција на позитивните вести за успесите на оваа власт. Нешто слично како кога Груевски пред падот се обидуваше на граѓаните да им стави розови очила на очите. Така е секогаш кога власта, наместо за сериозна и одговорна работа, која подразбира длабоки реформи, се определува за популизам и за пиарчење.

Дел од таа пропагандна акција, како што слушам, ќе биде обидот за континуирана дифамација и за систематско поткопување на кредибилитетот на личности од јавниот живот, за кои се смета дека со своите критики за владата на Заев придонесуваат за драстичниот пад на нејзината популарност. При тоа ќе се злоупотребат сите возможни ресурси – провладини медиуми, организирани ботови на социјалните мрежи, дури и пропаганда во интерперсоналната комуникација.

Предупреден сум дека меѓу првите имиња на листата за атак е моето. Право да ви кажам, би ме изненадило да е поинаку. И досега бев мета на секојдневни напади од медиумите блиски до Заев. Исто како што порано ме черечеа медиумите блиски до Груевски. Но, било оценето дека досегашните обиди за моја дискредитација, со секојдневно пласирање лажни вести, клевети, навреди и спинови за мене, од страна на неколку скапо платени парапортали предводени од луѓе со скромни професионални и интелектуални капацитети, не дале резултат. Затоа, ангажирана е „тешка артилерија“, која нападите ќе ги води осмислено, координирано и брутално. Пикот на бруталноста ќе биде кога врз мене ќе атакуваат мои доскорешни лични пријатели и соработници. Како најава, денеска е објавена првата таква порака на Фејсбук, една неинтелигентна навреда и еден класичен говор на омраза од тажен и осамен човек опседнат со смртта, порака од нашиот локален робот Норман (направен од американските научници по урнек на Норман Бејтс од филмот „Психо“, кој гледа смрт во сѐ што ќе погледне).

Сакам да им порачам на дизајнерите на овој дел од кампањата дека го прифаќам предизвикот. Борбата е мојата природна „агрегатна состојба“. Но, за разлика од нивните пропагандисти психопати, кои со мене ќе се обидат да се справат со клевети и со навреди од најдолен тип и со отворен говор на омраза, мојот метод на борба ќе биде поинаков. Јас упорно се борам и ќе се борам за владеењето на принципите на законитоста, правдата и правичноста и тоа ќе го докажувам трагајќи по вистината за конкретни случаи на криминал, висока корупција и лошо владеење. Никогаш не се фалам дека сум истражувачки новинар, но понекогаш имам пристап до важни информации, знам како мојот глас да допре до читателите и до оние што треба да гонат криминали, а при тоа да не се впуштам во битка ad hominem со никого. Ветувам, многу повеќе од сега ќе се потрудам вниманието од темите што ги отворам да не го дефокусирам самиот, со моите кавгаџиски реплики на нападите врз мене.

При тоа, моите извори знаат дека никогаш не ги компромитирам, моите читатели знаат дека нема да ги изневерам (дека моите мотиви се искрени и дека ниту сум дозволил ниту ќе дозволоам било кој да ме поткупи или корумпира), а опозицијата, природно, она што го пишувам ќе го искористи за силно и аргументирано критикување на власта. Патем речено, критиката од опозицијата и од независните јавни личности уште долго време ќе има посилен медиумски одѕив од комичните обиди граѓаните на Македонија да се убедат дека земјата напредува со чекори од седум милји, дека им е добро, дека животот дошол за сите, дека кај и да е ќе потече мед и млеко.

Да бидам сосема искрен, тој јаз меѓу реалноста и очекувањата на Заев од една ваква пропагандна кампања, која вклучува и дифамација на критичари на власта под фејк мисијата „борба против лажните вести и одбрана од нападите врз демократијата“, јаз кој нема да се премости (а може дури и да се продлабочи), мене баш и не ме радува. Јас бев еден од оние кои го критикуваа Груевски што од својата влада направи пи-ар агенција. Сега, кога тоа истото го прави Заев, тоа значи дека не сме мрднале ни чекор напред и дека моите критики и укажувања биле бесполезни.

Како и да е, јавно кажувам дека немам намера да отстапам. А нема да отстапат и многу други храбри луѓе, кои сакаат вистинска а не „револуционерна“ правда, кои сакаат мир а не бедна одмазда што раѓа само неспокојство во душата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести