Во Прилеп граѓаните денеска се определуваат за еден од петтемина кандидати за градоначалник и за една од осумте советнички листи.

Објавил: Рејхан Бајрами | 17 октомври, 2021 9:38

Гласањето почна навреме во Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани

Фото/Текст извор: ©магазин

Точно во 7 часот изутринава е отворено 141-то избирачко место во Прилеп и гласањето почна непречено, потврдуваат од прилепската општинска изборна комисија, објави Сител!

Денеска своето право на глас во Прилеп може да го остварат 63 436 избирачи. На избирачките места се појавија и првите гласачи за да гласаат на локалните избори.

За првпат идентитетот на избирачите се проверува со отпечаток од прст. Според претседателот на ОИК во Прилеп, Валентин Божиноски потребно е време да се воспостави отчитувањето на отпечатокот на прстот за потврдувањето на идентификацијата.

– Има на одредени места да не се отчита отпечатокот од прст. Тоа се решава со проверката на идентификацијата со лична карта и гласачот остава отпечатокот на избирачкиот список. Полека ги отстрануваме техничките застои и очекуваме непречено да се одвива, изјави Божиноски.

Слична ситуација потврдуваат и во општинските изборни комисии во Крушево, Долнени, и во Кривогаштани каде веќе почнува да се надминуваат со правилна и внимателна употреба на уредот.

Гласањето започна точно навреме на сите избирачки места. Во Крушево се гласа на 23, во Долнени на 40, а во Кривогаштани на 13 избирачки места.

Во Прилеп граѓаните денеска се определуваат за еден од петтемина кандидати за градоначалник и за една од осумте советнички листи.

Вчера своето право на глас можеа да го искористат 389 болни и изнемоштени и 12 ковид-болни. Вчера гласаа и штитениците од прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески -Платник“ и од 51 штитеник, своето право на глас го оствариле 42. Во затворот од 94, своето право на глас го оствариле 88 затвореници

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.