"Македонска фаланга" и "Тодор Александров" се бришат како називи на катните гаражи во Скопје, Шилегов на скопјани, по загадувањето им ги претставува "26-ти Јули" и "Беко"

Објавил: Мартин Попоски | 6 ноември, 2018 5:58

Град Скопје како најзагаден во светот, ќе ги преименува катните гаражи

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Откако Петре Шилегов ги “реши” енормното загадување на воздухот, сообраќајниот хаос, отпадот кој го има на секој агол и ги “згрижи” бездомните миленици, реши дека е време за промени.

Градот Скопје на следната седница на Советот на Скопје идната недела ќе започне со менување на имињата на катните гаражи, така што пред советниците ќе се најде предлогот за преименување на гаражите „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“.

Според предлогот на градските власти, гаражата „Македонска фаланга“, која се наоѓа  на улица „Свети Кирил и Методиј“, во близина на трговскиот центар „Рамстор“ ќе се вика „26-ти Јули“. Поводот е 55-годишнината од земјотресот во Скопје, како и зачувување на историјата на градот.

„Ова е еден пример на вреднување на историјата и на имињата кои потекнуваат од обновата на Скопје по земјотресот на 26-ти Јули 1963 година“, стои во образложението на предлогот.

Гаражата „Тодор Александров“, лоцирана на улица „Даме Груев“ се предлага да се преименува во „Беко“, заради зачувување на урбаниот топоним кој потекнува од стоковната куќа „Беко“, која сега не постои, но граѓаните на Скопје сѐ уште го користат за локацијата каде што се наоѓа објектот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.