Потпретседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Николоски на косовската телевизија Клан со ставови за Преспанскиот договор но и економската истоштеност и на албанскиот етникум во Македонија

Објавил: Мартин Попоски | 1 ноември, 2018 10:41

Грција нема да дозволи со овој Договор да влеземе во ЕУ

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ Александар Николоски, во вчерашното гостување на косовската телевизија Клан, истакна дека со Договорот од Преспа, Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ.

Според Николоски тоа нема да се должи на трети страни, туку едноставно бидејќи Грција нема да го дозволи тоа.

Ние ќе станеме втора Турција, ќе бидеме секогаш во процес на преговори, но никогаш нема да станеме членка. – истакна Николоски.

Според него Грција согласно Договорот има право да стави вето на отворање на секое следно поглавје во процесот на преговори на Македонија со Европската Унија, доколку е незадоволна од извештаите кои ќе се поднесуваат во јуни и декември секоја година.

Теоретски Македонија да прифати се што Грците ќе побараат и дополнително национално да се понижи. Секогаш кога на грчки премиер ќе му е потребно да си го крене рејтингот дома ќе стави блокада на следното поглавје во процесот на преговори со ЕУ што во превод ќе значи дека ние никогаш нема да ги завршиме преговорите за членство во ЕУ. – рече Николоски.

Николоски воедно констатираше дека политиките на Владата се погубни и за Македонците и за Албанците.

Владата на Зоран Заев не прави ништо и не само за Албанците, туку и за Македонците, понеспособна влада немало. И сега Албанците живеат сега подобро или пред две или пред три години? Значи не се живее од зборови. Од зборови се живее 3 месеци, 6 месеци, после дела се потребни а делата не ги гледаме. – истакна Николоски.

Тој додаде дека автопатот Кичево – Охрид требало да биде веќе завршен, но за жал ниту третина го немаат направено, а веќе во овој момент требало да биде започната изградба на автопатот Кичево Гостивар.

Од што ќе имаат Албанците повеќе корист? Од слатки зборови или од реализирани проекти. – прашува Николоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.