На овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него.

Објавил: admin@magazin | 3 мај, 2019 10:14

Денеска е Источен Петок Балаклија- првиот петок по Велигден!

Фото/Текст извор: ©онлине магазин

Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што некои го викаат и Светол Петок, а поради тоа што во светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок.

На овој ден се празнува обновувањето на храмот на Пресвета Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него. Си спомнуваме и за многуте чуда што се случиле во тој храм на Божјата Мајка.

Првиот храм врз изворот го изградил византискиот император Лав Велики и го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата Подоцна, во негова близина велелепен храм изградил и царот Јустинијан Велики, затоа што по милоста на Богородица нашол исцеление за својата болест во чудотворните води на изворот.

Со времето храмот пострадал во многу земјостреси, па затоа царевите Василиј Македонецот и неговиот син Лав Мудри го обновиле. Во 15 век царскиот град паднал во рацете на муслиманите.

Прочуената црква била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата затрупано, а околината била претворена во муслимански гробишта. Турската стража им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место, која неколку пати доживувала трагична судбина.

За времето на владеењето на султанот Махмуд, во 1835 г., е изградена и осветена црквата којa и сега e таму. По молитвите на Пресветата Богородица и преку нејзиното застапништво, од водите на изворот и денес се случуваат многубројни чудеса.
Преподобен Теодор Трихин Цариграѓанин и син на богати родители. Како млад ги остави родителите, домот и богатството и се насели во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предаде себеси на најтешки подвизи. Спиеше на камења, за да има помалку сон, и постојано одеше гологлав и се облекуваше во една наметка од кострет, заради што и го нарекоа „трихин“ што значи „кострет“. Заради ова големото самоизмачување за спасението на душата, Бог му подари голем дар на чудотоврство и за време на животот и после заминувањето. Се упокои мирно околу 400 година. Телото му се покажа мироточиво.
Блажениот Григориј патријарх Антиохиски

По народност Ерменец. Игумен на манастирот Фаран под Синајската Гора. Кога блажениот Анастасиј беше протеран од престолот, Григориј и против неговата волја беше поставен за патријарх антиохиски. Многу пофално за него пишува и блажениот патријарх Софрониј во својот Лемонар. Се одликуваше со особено милосрдие, особено кон грешниците. Се упокои во Господа во 593 година.
Блажениот Анастасиј Синаит патријарх Антиохиски
Беше монах на Синајската Гора кога го избраа за антиохиски патријарх во времето на царот Јустинијан. На таа положба го воздигна неговата добродетел, чистотата на животот, големата духовна ученост и цврстата вера. Царот Јустинијан падна во докетската ерес, против којашто остро станаа цариградскиот патријарх Евтихиј и овој блажен Анастасиј. Царот го прогони Евтихиј, а сакаше да го гони и Анастасиј, но не можеше да му најде никаква замерка на животот. Пред смртта, царот Јустинијан се покаја и го врати на престолот патријархот Евтихиј, но неговиот наследник Јуст врз основа на некои клевети го прогони Анастасиј. Помина во прогонство дваесет и три години, а во времето на царот Маврикиј повторно го вратија на престолот. Управуваше со Црквата Божја уште шест години и својот земен пат го заврши во 599 година.
Преподобен Анастасиј Синајски
Игумен на Синајската Гора. Долго време беше монах кај славниот игумен Јован Лествичник, а по неговата смрт самиот стана игумен. Освен тоа што беше голем подвижник, беше и благоглаголлив писател на житија на светиите, а и на други поучни списи. Водеше жестока борба против т.н. еретици акефалити (безглавници), коишто го одрекуваа Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Се упокои во длабока старост, во 685 година.
Светиот Николај Охридски и Жички

Епископот Николај (Велимировиќ) Охридски и Жички е роден на денот на светиот Наум Охридски, во 1880 година, во селото Лелиќ, Србија. Уште како дете, одејќи со своите родители на богослужба во манастирот Ќелије, почна да навлегува и да се храни од чистите води на Православието. Заврши Богословија, а потоа одбрани два докторати: на Старокатоличкиот факултет во Берн, Швајцарија, и на Оксфордскиот универзитет во Англија. Се замонаши во 1909 година и беше ракоположен за јеромонах.

Потоа престојуваше во Русија, а од 1915 во Америка и Англија. За епископ беше избран во 1919 година, а една година подоцна беше поставен за епископ Охридски.
Таму доживеа преобразба, и од голем интелектуалец, философ и писател стана подвижник, испосник, духовник, пастир, светител. Токму во Охрид ги напиша своите најубави и најдлабоки дела во кои се чувствува голема богословска длабочина, зад која стои неговиот свет подвижнички живот. Го отфри туѓиот и студен западен дух и тука навистина стана православен епископ, фокусиран на личноста на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Ја презре и отфрли светската слава, човечките пофалби му станаа бедни, претерано негуваниот книжевен израз почна да му личи на празнословие, а светското мудрување на духовна бедотија.
Од Николај генијот започна Николај светителот. И токму тоа најмногу ги привлече и задржуваше луѓето околу него. Во 1934 година беше вратен во Жичката епархија, а во текот на Втората светска војна беше апсен и затворан, па извесно време помина и во озлогласениот концетрационен логор Дахау, близу Минхен. По крајот на војната, не можеше да се врати во комунистичката Југославија, па замина во Америка, каде што работеше како професор на богословијата „Свети Тихон“ и на академијата на „Свети Владимир“ во Њујорк.

Се упокои во 1956 година, во манастирот Свети Тихон. Неговите свети мошти беа пренесени во неговото родно село во 1991 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.