На овој ден именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.

Објавил: Катерина Крстиќ | 30 септември, 2020 10:17

Денеска се празнуваат Св. маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 17 септември и се празнува големиот празник Св. маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија.

На овој ден именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба.

Денешните славенички, светите маченички Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија, олицетворение се на сето досега кажано, зашто нивното житие е доказ, како и колку треба да се љуби вистината и за неа да се пострада, без разлика какви нечовечки понижувања нè затекнуваат во животот.

Преку страдањето на најмалата сестра, светата маченичка Љубов, треба да се потсетиме дека основната христијанска добродетел – љубовта, претставува Божји дар, преку кој што се чувствуваме поттикнати да Го љубиме Бога како наше врвно добро и да го исполниме сето она, што Он го заповеда за спасение и блаженство наше, но и на ближниот.

Во својот богослужбен циклус, Црквата на овој ден се сеќава на животот и мачеништвото на четири римјанки Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија. Овие четири христоподобни дури беа приведени од римските власти за време на прогоните на императорот Хадријан, во првата половина на вториот век по Христа. Заради исповедањето на Христа и одбивањето да принесат жртви пред празниот идол на Артемида, Вера, Надеж и Љубов беа ставени на маки пред очите на нивната мајка и најпосле им беа отсечени главите. Софија ги зеде и ги закопа телата на своите три ќерки и откако помина три дена и ноќи во молитва над нивниот гроб, го предаде својот дух на Бога.

Вера имала 12 години, Надеж 10, а Љубов само 9 години. Откако сите четири бестрашни маченички биле изведени пред царот, смирено и одлучно ја исповедале верата во Христа Господа и одбиле да принесат жртва пред идолската божица Артемида. Пред страдањата, Софија со богомудри совети ги охрабрувала своите ќерки за да издржат до крај.

Празникот е посветен на жените и нивните деца, првенствено ќерки. Се верува дека девојчињата треба да ги израдувате со некој подарок, колку и да е тој скромен. Ќе биде доволно да им посветите внимание и да им покажете колку ги сакате.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.