Лешочкиот манастир најмасовно е посетен за овој празник од страна на верниците.

Објавил: admin@magazin | 28 август, 2019 18:35

Денес се празнуваше Успение на Пресвета Богородица во ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР!

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин

По повод празникот Успение на Пресвета Богородица изутрина митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. одржа литургија во Лешочкиот манастир.

Тој во проповедта истакна дека во Лешок се чувствува и се живее под закрилата и благословот на Богомајката. Се надеваме дека со нејзин благослов набрзо ќе се случи и обновата и реконструкцијата на овој важен духовен центар во оваа епархија, рече г. Јосиф.

– Богородица, која освен што е мајка на Бога е и наша Мајка, бидејќи подеднакво се грижи и за сите нас. Таа нејзина грижа и благодат се чувствува и во овој манастир. Но, мили мои, да се запрашаме дали ние неа не ја напуштаме, дали и ја оддаваме заслужената почит, дали го постевме Богородичниот пост, дали присуствуваме на литургиите, дали редовно се молиме, исповедаме и причестуваме, да се запрашаме, но никако да не очајуваме доколку не сме го практикувале тоа во својот живот, бидејќи доколку редовно не ги практикуваме овие духовни работи – никогаш не е доцна да го направиме тоа. Еве, овој радосен празник е вистинска можност за нов почеток во кој треба да се потрудиме никогаш да не ја напуштиме Богородица, туку постојано да и приоѓаме за застапништво, бидејќи Таа е наша поткрепа во духовниот живот и единствено сè разбира, рече владиката.

Манастирот досега е два пати уриван. Прв пат во 1690 година Турците го разурнале целиот комплекс сосе црквите. Втор пат манастирот го кренале во воздух албанските терористи за време на конфликтот во 2001 година.

Лешочки манастир е православен манастирски комплекс, кој претставува најголем духовен центар во Тетовско. Манастирот е сместен во природен амбиент во близина на селото Лешок, на надморска височина од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.

Во манастирските конаци има параклис посветен на светите Кирил и Методиј, додека надвор од манастирскиот комплекс има стара црква посветена на Атанасиј Александриски т.н. Стар манастир. Манастирот за прв пат е основан во 1321 година од страна на епископот полошки Антониј. Комплетното заживување кое е видливо и денес се должи на доаѓањето на Пејчиновиќ од Света Гора, во 1818 година, кога се обновени манастирските конаци и кога е основана манастирската библиотека.

Во тоа време Лешок прераснал во книжевен и просветен центар. Манастирските конаци денес се реновирани, располагаат со сместувачки капацитети и особено се погодни за летен манастирски туризам.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Настани