Денот 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130. седница на владата, одржана на 16 април 2019 година.

Објавил: Катерина Крстиќ | 5 мај, 2020 10:17

Ден на македонскиот јазик и азбука

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Ден на македонскиот јазик — празник од работен карактер кој се празнува на 5 мај во Македонија. Истиот е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

Денот 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130. седница на владата, одржана на 16 април 2019 година.

Современата македонска азбука е донесена со решение на народната влада на Федерална Македонија, подоцна преименувана во Народна Република Република. Азбуката е донесена на 3 мај 1945 година, кога воедно се вовел и правописот на македонскиот јазик. Владата ја прифатила азбуката на 5 мај 1945 година и прогласот бил објавен во весникот „Нова Македонија“, бидејќи во тој период овој весник се користел и за владини акти. Службениот весник е основан нешто подоцна. Интересен факт за азбуката е дека има мала разлика во однос на редоследот на буквите споредена со современата. Имено, буквата „ќ“ не била после „ц“, туку после буквата „к“.

Македонска азбука — официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Македонија. Се заснова на кирилицата со одредени измени приспособени на македонскиот гласовен систем. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови. Од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени графовите за буквите љњ и џ, а сите останати специфичности се според препораките на Мисирков. Истите букви присутни се и во азбуката на Крсте Петков Мисирков, но со графички симболи л’ и н’. Важно е да се напомне дека од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени само графовите за буквите, но не и гласовите кои на овие графови им соодветствуваат во истата азбука.

Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици со околу 3 милиони говорници во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, САД, Канада, Австралија и други земји. Македонскиот јазик станал официјален јазик на Социјалистичка Република Македонија во 1944.

Од крајот на XVI век говорниот македонски јазик почнал да се јавува во пишана форма, иако неговата современа стандардна верзија е утврдена дури во 1945. Низ историјата македонскиот јазик се запишувал со следните писма:

  • Глаголица – ранохристијанска азбука,
  • Кирилица – или позната како старомакедонска азбука или црковномакедонска азбука,
  • Илинденска азбука – кирилична поупоростена верзија,
  • Македонска преродбеничка азбука – кирилична упоростена верзија,
  • Македонска абецедарска азбука – латинична македонска азбука.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести