Оливер Деркоски изјави дека доколку нема излезеност од 40 проценти, нема да биде исполнет условот за успешни избори.

Објавил: Катерина Крстиќ | 31 март, 2019 11:17

Деркоски: Ако нема цензус, веднаш распишуваме нови избори

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во неделното интервју на Радио Слободна Европа претседателот на ДИК, Оливер Деркоски изјави дека доколку на престојните избори во април нема доволно излезеност, или пак доколку има втор круг, а нема излезеност од 40 проценти, нема да биде исполнет условот за успешни избори.

За новиот претседател имаат право да гласаат 1.808.131 граѓани запишани во Избирачкиот список.

Дерковски изјави дека во тој случај веднаш ќе бидат распишани нови избори, односно претседателот на Собранието треба да распише нови избори на кои може да учествуваат и сегашните кандидати доколку се поддржани од група на избирачи или од најмалку 30 пратеници  но може да има и нови кандидати.

Деркоски истакна дека  ДИК  во изминатиот период ги презела сите потребни организациски мерки за спроведување на фер и демократски претседателски  избори.

– Без разлика дали тие се или не се услов за добивање на датум за преговори со ЕУ, ние и онака како државен орган ги спроведуваме сите потребни мерки за да се организираат кристално чисти избори. Меѓутоа, тука морам да нагласам дека изборниот процес се содржи од повеќе чинители, значи не е само Државната изборна комисија. Да, ДИК е орган кој се грижи за организацијата, спроведувањето на изборниот процес, како еден од тие чинители, меѓутоа во случајот со претседателските избори имате ситуација во која на пример кандидатите, организаторите на кампањите кои исто така ќе треба да внимаваат на изборниот процес да биде фер, коректен, чист за да помине сè во најдобар ред на крајот – вели Деркоски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.