Друга опција ако не се донесе закон за обвинителство

Објавил: Узунов Бобан | 22 август, 2019 11:57

Дескоска: Имаме и друга опција ако не се донесе закон за обвинителство

Фото/Текст извор: ©независен.мк/магазин

Изгласувањето на законот за обвинителство ќе биде посебен предизвик затоа што гласови и поддршка треба да добиеме од лица што се осомничени или обвинети за кривични дела, или од политички партии против чии членови на раководства се водат судски постапки. Камен на сопнување во преговорите со опозицијата воопшто не е Катица Јанева бидејќи нејзиниот мандат истекува на 15 септември. Со Бојан Јовановски сум се видела само двапати, и тоа на отворањето на 1ТВ и на првиот роденден на телевизијата. Доколку не постигнеме договор со ВМРО-ДПМНЕ за законот за обвинителство или не успееме да обезбедиме двотретинско мнозинство во Собранието, разгледуваме и други опции како да се продолжи битката за правда.

Ова се само дел од поентите во интервјуто за „Независен весник“ на министерката за правда, Рената Дескоска.

Министерке, преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за обвинителство продолжуваат неделава, но се чини оти сега се во полоша политичка клима отколку пред летните одмори. Има ли надеж да се стигне до компромис кој ќе гарантира минимум 80 гласа во парламентот?

– Политичката клима за носење на овој закон никогаш не беше добра. Јас уште на почетокот на мојот мандат кажав дека посебен предизвик ќе биде носењето на законот за јавното обвинителство, имајќи го предвид фактот што гласови и поддршка треба да бараме од лица кои се осомничени или обвинети за кривични дел или од политички партии против чии членови на раководства се водат судски постапки од една страна, и определбата на Владата, поддржана од ЕУ на чии порти тропаме, законот да не содржи амнестија за кривични дела. И затоа политичката клима во текот на сите разговори за законот беше лоша. Но, во исто време, таквата состојба можеше да се третира и како добра клима во која сите политички партии и пратенички групи со својата поддршка имаа шанса да покажат дека навистина се посветени на борбата против криминалот и корупцијата. За жал, таква волја во редовите на најголемата опозициска партија не видовме. А, кога нема волја нешто да се направи – секогаш може да се бараат различни причини за оправдување, а најлесно е да се „набеди политичката клима“.

Изминатиот период ги слушнавме точките по кои опозицијата не се согласува со законот подготвен од владата. Тука, пред сè, се мисли на делот од текстот на законот што предвидува специјалната обвинителка Катица Јанева автоматски да биде префрлена во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, а таму да се пресели и целиот тим на СЈО. Дали сега, по избивањето на аферата „Рекет“, тој дел ви се чини како соодветен?

– Каменот на сопнување во текот на преговорите за законот е барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики. Другите прашања се прашања за кои има мегдан за разговор. Притоа мора да се води сметка дека ова не е и не треба да се закон кој решава персонални прашања, туку принципи. Јас во текот на разговорите, но и во интервјуа во текот на преговорите јасно кажав дека камен на сопнување не е Катица Јанева. Битни се принципите кои треба да се усвојат во законот, а не личните интереси или судири. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО да се спојат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет бидејќи мандатот ѝ истекува на 15 септември. Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност.

Опозицијата бара и постапките што досега ги поведе СЈО, согласно рокот до 30 јуни 2017 година, да преминат во рацете на новото обвинителство. Колку е тоа изводливо?

– Законот што ние го предложивме во Собранието предлага постапките кои се почнати од обвинителството за организиран криминал и СЈО да преминат во новото обвинителство во фаза во која се. Разликата е што главната опозициска партија се противи на преземањето на предметите покренати по 30 јуни 2017 година, што практично би значело затворање, односно згаснување на овие предмети. За целосно воспоставување на правдата потребно е, како што бараме разврска за случајот „Рекет“, да останеме фокусирани и доследни и да бараме разврска на сите случаи на СЈО.

Премиерот Заев најави оти во случај на неуспех во преговорите, ќе мора да се применат други мерки, не посочувајќи кои. Тоа претпоставува дека би оделе на двотретинско мнозинство и без опозицијата како во случајот со договорот за името. Но има ли сега власта моќ да стигне до потребните гласови по заобиколен пат?

– Се разгледуваат повеќе опции за донесување на законот, но и што во случај законот да не се донесе. Мислам дека е побитно сега да се фокусираме на обезбедување на консензуална поддршка во Собранието.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.