Дескоски го "погреба" Договорот од Преспа и Уставните измени, пред 25 години ги сменивме член 3 и член 49 од Уставот и Грција под тој Устав ја прифати времената спогодба од 1995 година

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 октомври, 2018 8:51

Дескоски го “закопа” Заев: Македонија ги исполни грчките барања во 1992 година

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Професорот Тони Дескоски со правни факти го погреба Договорот од Преспа, предлог Уставните измени и го “закопа” Заев.

Со прифаќањето повторно да ги промениме чл. 3 и чл. 49 и на Преамбулата на Уставот, всушност во целост премолено признаваме дека Грција со право ги спорела овие уставни одредби, независно што истите се позитивно оценети од Бадинтеровата комисија. – констатира професорот Тони Дескоски, член на тимот кој го доби спорот со Грција за непочитувањето на Времената спогодба пред Меѓународниот суд за правда.

Според Дескоски Македонија со ги исполнила сита барања на Грција уште во 1992 година или 25 години пред на Заев да му текне да го менува името и да прави уставни измени.

Меморандумот со кој се спори АСНОМ при приемот на Македонија во Обединетите Нации.

Што е целта на одредбата од чл. 1, ст. 12 од Преспанскиот договор, со која се предвидуваат измени на Преамбулата, чл. 3 и чл. 49 од Уставот на Република Македонија?

Одговор: Да се оправда грчкото неприфаќање на мислењето бр.6 на Бадинтеровата комисија и да се добие имплицитно признание од нашата страна дека Грција била во право кога не ги прифатила наводите на Бадинтер за нашиот Устав.

На ова Дескоски дава појаснување.

Во неодамнешната конверзација почитуваниот амбасадор Зашов ми укажа на една работа во врска со спорот за името: дека всушност со Договорот од Преспа, ние полека, но сигурно го заокружуваме исполнувањето на сите грчки барања од 1992 година, кои беа испорачани од Владата на Мицотакис, по добивањето на позитивното мислење од т.н. Бадинтеровата комисија.

И навистина, кога човек ќе го погледне чл. 1 ст. 12 од Договорот, ќе нотира дека покрај уставниот амандман за промена на името на државата во “Република Северна Македонија”, предвидени се уште три амандмани на Преамбулата и членовите 3 и 49.

За разлика од амандманот за промена на името, за останатите три амандмани не е наведено ниту која ќе биде нивната содржина, ниту пак која е целта која се сака да се постигне.

Но тоа е можно доколку се изврши увид во грчките документи од 1992-93 година.

Побараните измени на член 3 и член 49 од Уставот на Македонија со образложение.

Најнапред, во обраќањето на министерот Самарас од 17 јануари 1992 година (два дена по објавувањето на Бадинтеровото мислење), во кое тој објаснува зошто за Грција не е прифатлив наодот на Бадинтеровата комисија.

Меѓу другото, кај нашиот Устав, според него се проблематични Преамбулата – заради повикувањето на документите на АСНОМ, чл. 3 – затоа што предвидува дека територијата на Република Македонија е неделива, но предвидува и можност за менување на границата, и чл. 49 – заради тоа што предвидува дека “Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји”.

Впрочем, за ова пишуваше и професорот Шкариќ во една неодамненшна колумна.

Понатаму, истите забелешки на Грција, се наведени и во дописот на грчкиот министер за надворешни работи Папаконстантину до генералниот секретар на ОН од 25 јануари 1993 година, со кој допис Грција се противи на каков било прием на Република Македонија во ОН (UN doc. S/25158).

Овој допис е објавен како анекс 26 кон нашиот поднесок-мемориал кон тужбата пред Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Со прифаќањето на обврската за измени на Преамбулата, чл. 3 и чл. 49 од Уставот во Преспанскиот договор, навидум се чини дека целта на двете страни е да се промени содржината на Преамбулата и на двете уставни одредби.

Но, оние што ќе се потсетат на историјата на спорот, веднаш забележуваат (исто како и амбасадорот Зашов), дека всушност Грција на овој начин реализира едно свое барање, поставено по објавувањето на Бадинтеровото мислење за содржината на нашиот (изменет) Устав.

Да потсетиме дека позитивното Бадинтерово мислење е добиено дури откако Македонија за само 12 дена ги променивме токму чл. 3 и чл. 49 од Уставот.

Всушност, ние со прифаќањето повторно да ги промениме чл. 3 и чл. 49, а над тоа и Преамбулата на Уставот, всушност во целост имплицитно (премолчно) признаваме дека Грција со право ги спорела овие уставни одредби, независно што истите се позитивно оценети од Бадинтеровата комисија.

Уште повеќе, ова е имплицитно признание и дека Грција со право инсистирала на овие уставни измени, дури и откако истите не ги добила од претседателот Глигоров во Времената спогодба од 1995 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.