Од „Макамтранс“ алармираат дека семејствата на возачите во земјава се соочуваат со дискриминација поради препораките на Владата лица што патувале во заразените подрачја да останат дома две недели.

Објавил: Македонка Димкин | 9 март, 2020 18:02

Децата на возачите дискриминирани не смеат да посетуваат градинки

Фото/Текст извор: ©printscrin

Ширењето на коронавирусот низ Европа веќе значително се одразува како врз европската економија, така и врз македонското стопанство, кое е во директна поврзаност со случувањата во унијата. Најголем дел од трговската соработка на домашните компании е со партнери или, пак, со фирми основачи од европските земји, па голем број компании јавуваат за негативните ефекти од ширењето на вирусот.

Први на удар се туристичките агенции и аранжмани, но засегнати се и чевларските компании во земјава што соработуваат со Италија, како и компании поврзани со автомобилската индустрија, но и бизниси поврзани со бела техника, со производство на мебел…

» Има опасност некои од чевларските компании, од кои најголем број соработуваат со италијански компании, да затворат, бидејќи е затворен дел од северот на Италија каде што се извезуваат македонските чевли. Алтернативи за пласман на овие производи засега нема. Наш најголем партнер во производство на облека е Германија, а таму засега нема проблеми, но во однос на соработката со Италија, проблемите се тука. Коронавирусот се шири токму во северна Италија, каде што има најмногу компании што соработуваат со нашите – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.

Претставниците на Стопанската комора на Македонија укажуваат дека коронавирусот добива глобални размери и дека голем дел компании алармираат за тешкотии во секојдневните работни активности.

» Генерално, процесот на ширење на вирусот ковид-19 добива глобални размери, отворените прашања со кои се соочуваат компаниите, главно, се должат на намалената оперативност на пристаништата, на патната и железничката инфраструктура во некои од засегнатите подрачја, поради намалениот број работници што ги извршуваат активностите на своите работни места, но и поради засилените транспортни проверки, што во определени случаи може да доведува до мали задоцнувања во спроведувањето на испораките и нарачките – истакнуваат од СКМ.
Истакнуваат дека и покрај ширењето на вирусот, не се бележат поголеми проблеми во снабдувањето, откажување нарачки или прекинување деловни соработки со компании од засегнатите подрачја, во кој било сектор.
– Во секој случај, внимателно се следат состојбите, а домашните компании во согласност со препораките на надлежните државни власти, ги преземаат сите потребни превентивни мерки за минимизирање на можностите од ширење на вирусот ковид-19 во нашата земја. Во делот на туризмот како една од дејностите што имаат првично највидливо негативно влијание, во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се одржа состанок на координативното тело формирано за превенција од последиците на вирусот.

По согледување на состојбите, првичните процени се дека околу три милиони денари е износот на платен а нереализиран транспорт со авиопревозниците – посочуваат од Комората.
Додаваат дека сѐ уште нема големи откажувања од странските туроператори, но истакнуваат дека и штетите по основа на откажување семинари, конференции и други аранжмани се големи, пред сѐ во Скопје.

» Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Министерството за економија треба да ѝ препорачаат на Владата сите форми на настани што се организираат со буџетски средства во 2020 година да бидат организирани во земјата, како поддршка на загубите и штетите што ги трпат хотелско-угостителските објекти поради откажувања на деловните гости, бизнис-патувањата, а делумно и организирани тури со странски туристи – додаваат од Комората.
Билјана Муратовска, претседателка на здружението на транспортери „Макамтранс“, истакна дека засега кај нив не се појавиле проблеми, нема откажување на превоз, туку и понатаму имаат недостиг од возачи.

» Преземени се сите мерки на претпазливост. Транспортерите низ Европа се посебна група и многу се внимава каде патуваат, а тие имаат препораки да се движат надвор од заразените подрачја, дополнително и немаат контакт со населението, а и при секој товар и истовар се врши дезинфекција и на возилото и на товарот и на кабината на возачот. Возачите си носат храна за да избегнат контакти, како и средства за одржување на хигиената и за дезинфекција – посочува Муратовска.


Децата на возачите не смеат да посетуваат градинки

Од „Макамтранс“ алармираат дека семејствата на возачите во земјава се соочуваат со дискриминација поради препораките на Владата лица што патувале во заразените подрачја да останат дома две недели.

» Во државата има над 1.600 фирми превозници што вршат меѓународен превоз на стока и се движат низ сите држави на Европа, вбројувајќи ја и Руската Федерација. Поточно, се работи за над 17.000 возачи што заработуваат за живот со управување товарно моторно возило. Поради препораките за изолација, нивните деца, сопруги и други членови на потесното семејство со месеци треба да остануваат дома во „карантин“. Децата ќе почнат да се срамат од својот татко, кој е возач, и ќе го обвинуваат за нивната неможност да одат на училиште или во градинка, некои ќе добијат и откази од работа затоа што нема кој да го оправда нивното отсуство. Превозот на стока, кој се врши 96 отсто преку патниот сообраќај, треба да запре, а со тоа ќе запрат и активностите на целото стопанство што зависи од стоката што се превезува во извоз или увоз и овозможува функционирање на економијата – стои во соопштението на здружението.

Истакнуваат дека сите превозници преземаат соодветни мерки за заштита на возачите со одредување нови маршрути за превозот и транзитираат низ северна Италија или други држави без да застанат и без комуникација со населението.
» Буквалното толкување на препораката од Владата, од одредени институции ќе значи дискриминација на одредена група жители, особено деца, затоа што не се прави разлика меѓу туристичко патување и превоз на стока, бидејќи тие имаат контакт со поголема маса луѓе отколку професионалните возачи. Се надеваме на попрецизно толкување на зборот „патување“, оти може да се предизвикаат негативни ефекти на нивните семејства поради отсуства од работа и непосетување настава во училиштата или во градинките. Ако не се направи разлика, сите цариници, гранични полицајци и нивните семејства треба да престанат да одат на работа, затоа што имаат контакт со голем број возачи и други патници што се враќаат од државите каде што е регистрирано дека има заболени лица од коронавирус – посочуваат од „Макамтранс“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести