Дивоградбата кај Чинарот се појави викендот на 9 и 10 март

Објавил: admin@magazin | 28 март, 2019 22:22

Дивоградбата кај Чинарот е на Нефи Усеини, советник од ДУИ во Општина Охрид

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Инвеститор на дивоградбата во заштитеното градско јадро на плоштадот Чинар во Охрид е членот на Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, од ДУИ, објавија медиумите.

Пред три дена Општина Охрид му даде рок од десет дена на Усеини сам да ги урне металната конструкција и платформата на која е поставена таа оти нема одобрение за нивно поставување. Во решението за уривање инвеститорот е известен дека има право да се жали, но жалбата не го одложува уривањето. Градежната инспекција при увидот констатирала дека на Усеини не му е издадено одобрение за поставување урбана опрема за 2019 година, но нема ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.

Чинарот во Охрид, за кој се вели дека пред 11 века го засадил Свети Климент Охридски, конечно ќе биде заштитен. Локалната власт на тендер ќе бара стручна фирма која ќе преземе активности за негови санација, ревитализација и статичко обезбедување. Ова дрво, кое е еден од белезите на Охрид, досега неколку пати беше оштетено од временските неприлики, но и понатаму опстојува.

Усеини тврди дека нема пречка да не му биде легализиран објектот што го гради кај Чинарот, оти го користи со години и уредно ѝ плаќал закуп на Општината.

Дивоградбата кај Чинарот се појави викендот на 9 и 10 март кога градежни работници со багери и хилти ја урнаа старата платформа и почнаа да градат нова. Сите градежни активности беа нелегални, но инспекцијата на терен излезе десет дена подоцна, а решение за уривање издаде пред три дена.

Усеини како советник во Општината истовремено учествува во носењето на одлуките за легализација на градбите и поставување урбана опрема. Советот ја донел одлуката за поставување урбана опрема кај Чинарот во јануари годинава.

Од Општината две недели изјавуваа дека не знаат кој гради на локацијата, а кога открија дека инвеститор е член на Советот, немаа коментар зошто дозволиле службеното лице од Општината да има дивоградба во срцето на чаршијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.