Германски политичари бараат американскиот амбасадор да биде исфрлен од Германија

Објавил: admin@magazin | 6 јуни, 2018 13:08

ДИПЛОМАТСКИ СКАНДАЛ ВО БЕРЛИН

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Интервјуто во кое Ричард Гренел, новиот американски амбасадор во Германија, поставен од Доналд Трамп, сугерира дека ќе ги поддржува германските и европските националисти, предизвика скандал во таа земја. Некои германски политичари дури директно или индиректно побараа амбасадорот да се протера од Германија.

– Апсолутно сакам да ги охрабрам конзервативците низ цела Европа и нивните лидери, изјави Гренел, кој стана амбасадор минатиот месец, во интервју за британскиот огранок на американскиот националистичко-популистички портал Бреитбарт.

По ова следуваше жестока реакција, имајќи ги предвид дипломатските протоколи според кои амбасадорот не смее да се меша во внатрешната политика на земјата домаќин, особено не да зазема страна кај некои политички опции во таа земја.

– Гренел не се однесува како дипломат, туку како крајно десничарски колонијален службеник, изјави Мартин Шулц, пратеник во Бундестагот.

Тој беше и кандидат на Социјалдемократската партија (СПД) за канцелар и бивш претседател на Европскиот парламент.

– Тоа што го прави овој човек е преседан во историјата на дипломатијата. Ако германскиот амбасадор во Вашингтон каже дека е дојден да ги зајакне демократите, веднаш би бил исфрлен, нагласи до неодамна лидерот на социјалдемократите.

Кон критиките се придружи и шефот на СПД во германската сојузна држава Шлесвинг-Холстеин, коментирајќи дека амбасадорот треба да биде „дипломатски претставник на својата земја, не борец за десничарските партии“.

– На европските граѓани не им треба Трампов вазал да им кажува за кого да гласаат. На американскиот амбасадор што се меша во демократскиот процес до таа мера не му е место на таа функција, беше многу остар пратеникот на СПД, Торстен Шафер – Гумбел.

Уште поостра е Сара Вагенкнехт, копретседателка на социјалистичката партија Левица:

– Ако луѓето како американскиот амбасадор Ричард Гренел, веруваат дека можат да диктираат, како властелин, кој да владее во Европа, а кој не, таквите не можат да останат во Европа како дипломати, рече таа.

Германската влада, пак, побара од американската влада да ја појасни изјавата на својот амбасадор во Берлин.

Гренел во меѓувреме се обиде да се оправда:

-Идејата дека би ги поддржал кандидатите или партиите е смешна. Стојам зад својот коментар дека го доживувам будењето на тивкото мнозинство, тие кои ги отфрлаат елитите и нивниот балон, напиша американскиот амбасадор на Твитер.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.