Претседателот Иванов пред академската јавност потсети дека Преспанскиот договор е класично бришење, цензурирање и негирање на Македонската историја, нација и државност

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 октомври, 2018 13:06

Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја отвори Првата национална конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“.

Пред еден милениум Самуиловата држава се соочувала со слични предизвици како и современата македонска држава – Република Македонија. Тие предизвици се негирање, непризнавање, обиди за блокада, изолација, погрешно именување. Од нас зависи дали ќе ја зачуваме академската слобода, или на идните генерации во наследство ќе им оставиме цензурирана и фалсификувана историја. -порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Според претседателот Иванов, АСНОМ-ска Македонија е фиданка што изникна од коренот од кој изникнала и Самуиловата држава.

Како фиданка, таа го даде вистинскиот плод, оној долго заборавен и потиснуван од туѓите, калемени гранки на пропагандите и идеологиите. Тој плод, меѓу другото, е и независна и суверена Република Македонија во која вие, историчарите, имате целосна академска слобода да истражувате и пишувате. Таа слобода ви овозможува без ронка страв и со критичко око да ги преиспитувате догмите врежани во камен кои со децении беа третирани како општопознати факти од страна на некои ваши колеги од соседството. – рече претседателот Иванов пред учесниците на конференцијата.

Иванов се осврна на актуелните политички случувања кои водат кон ризикот Македонија и Македонската нација засекогаш да бидат изгубени.

Денес, за жал, се прават обиди и на таа фиданка да ѝ се накалеми туѓа гранка. А таа туѓа гранка е Договорот од Преспа. Во член 8, точка 5 е предвидено формирање на „Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања“. Иако тој комитет би требал да го разгледува објективното научно толкување на историските настани, сепак, симптоматично е што тоа треба да го прави под надзор на министерствата за надворешни работи на двете држави. Авторите на текстот на Договорот од Преспа, кои и да се тие, покажуваат или елементарно непознавање на балканската историја или загрижувачка индиферентност кон сложените процеси на градење балкански идентитети. Искрено, не знам која од овие две алтернативи е полоша. –  рече македонскиот претседател.

Според претседателот Иванов, со договорот од Преспа се негира правото на самоопределување, се негира правото на слобода на мислење и изразување гарантирани со Универзалната декларација за човекови права.

Современата грчка држава инсистира името Македонија да се употребува само за административната област што се наоѓа во нејзините граници. Бирократите во некои меѓународни организации го бришат името Република Македонија и придавката македонски со еднаква ревност како што тоа го правеле византиските хроничари пред 1000 години. Со Договорот од Преспа, вашата академска и образовна дејност ќе ја надгледуваат политичари, дипломати и бирократи кои ревносно ќе ги цензурираат учебниците што вие ги пишувате или од кои вие предавате. – рече претседателот Иванов. 

Иванов се и со паралела помеѓи пропаста на Самоуловтата држава и она што и се случува на Македонија денес.

Една од причините за пропаста на Самуиловата држава беше превртливоста на нејзините елити, кои за титули, инсигнии, стипендии и престиж ја менувале страната. Нешто слично гледаме и денес. И во такви услови, за жал, секогаш ќе се најде некој кој ќе прифати да напише политички коректна историја во која ќе се наметнуваат претстави скроени по волјата на нашиот јужен сосед. И тие плодови на тој нов калем ќе им се даваат на нашите деца во училиштата и на нашите студенти на факултетите. – рече претседателот Иванов.

Претседателот во крајот на своето обраќање рече дека стравува што потоа, ако се имплементира Преспанскиот договор.

Договорот од Преспа има за цел од нас да направи фуснота во нечија туѓа верзија на историјата, и со тоа да го затвори поглавјето за самоопределувањето на Македонскиот народ и неговата суверена и независна Република Македонија. – рече претседателот Иванов. Да не дозволиме некој да ја исполитизира историската наука. Да не дозволиме некој да создава политички коректна историја. Да не дозволиме некој да ни ја ограничува академската слобода и да не цензурира. – порача претседателот Иванов.

Националната конференција за византологија и медиевистика „Самуиловата држава – 1.000 години потоа (1018-2018)“ е во организација на Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести