Од петни жили се обидувале да ја снема Македонија, а со неа и Македонците

Објавил: admin@magazin | 24 март, 2019 16:27

Документи од Светиот престол: Македонците за Ватикан биле Македонци и во 17 век!

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Според документи на Светиот престол, во Македонија никогаш не живееле Бугари или Срби туку Македонци. Во фондот на Конгрегацијата во Ватикан има сведоштва за Македонија и за Македонците што покриваат период од 1622 до 1644 година, пишува македонскиот раскажувач, драматург и романсиер Блаже Миневски за „Нова Македонија“.

Во збирката ватикански документи во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје има документ од 1624 година, кој зборува за обновување на Колеџот во Лорето, кога далматинските бискупи побарале папата Павле Петти да донесе одлука да се доделат места за питомци „Срби, Бугари и Македонци, кои во иднина нема да имаат причина да се обраќаат до Светиот престол за стипендии“. Според овој документ, од почетокот на 17 век во Ватикан добро знаеле дека Македонците не се ни Бугари ни Срби, па затоа биле одобрени посебна квота и посебна графа за апликација како за припадници на посебен народ за кој треба да се одвојат одреден број места според националната припадност. Во Колеџот во Лорето, според документот, студирале „тројца Македонци стипендирани од Ватикан“.

Освен овој, во Архивот на Конгрегацијата, односно во Ватикан, има и друг документ, кој е мошне значаен за Македонците. Станува збор за писмо од февруари 1625 година, испратено од Мантова од охридскиот патријарх Порфириј Палеолог. Во писмото го известува папата дека поради болест се задржал во Мантова и дека тука ја добил веста да не се враќа во својата резиденција во Охрид, затоа што му се заканува голема опасност од Турците поради големиот долг на неговите претходници кон Портата. Се работи за даноци што ги наметнал султанот, а кои Охридската патријаршија не можела да ги плати. Во прашање се околу 40.000 скуди. Откако Конгрегацијата го добила ова писмо на патријархот Порфириј, стигнала понуда да остане во Мантова и да служи во црквата според неговиот обред, но Порфириј не сакал да ја прифати таа понуда без дозвола на папата. Конгрегацијата веднаш го известила папата за барањето на охридскиот патријарх, односно одлучила писмото на Порфириј да го достави за одлука до папата, пишува Миневски.

Миневски е добитник на високи новинарски признанија: наградата „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија (два пати) и двапати прва награда за репортажа на „Нова Македонија“. Исто така, тој е добитник на книжевните награди: „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Роман на годината“ и повеќе награди за расказ.

Дека Македонија никогаш не се „антиквизирала“ туку е античка откако е Македонија може да се види од двете оригинални писма на „епископот македонски Мардарије од отечества великого цара Александра“, епископ на Охридската архиепископија, испратени до кардиналот Беберини, во кои се жали за зулумите што ги прават Албанците во неговата диецеза. Во двете негови писма, кои стигнале во Конгрегацијата, а со нив бил запознаен и папата, стои дека тој е „епископ македонски од татковината на големиот цар Александар Македонски“.

На заднината на истото писмо од некој кардинал во Конгрегацијата било запишано „писмото да се достави на увид на кардиналите Алвициј и Инголиј, за да видат што може да се направи по тоа прашање“. Врз основа на документацијата што се чува во Ватикан, Францеско Инголи, како прв човек на оваа своевидна влада на Ватикан, детално го известува папата за овој проблем на охридскиот архиепископ. Целата таа преписка се случува во јануари и февруари 1640 година, значи сите што бладаа и сѐ уште бладаат дека има некаква антиквизација на Македонија, слободно може да го обвинат епископ Мардариј за тоа, но пред тоа ќе мора да се вратат 379, а не само три години назад.

Мошне интересен документ е и писмото испратено од Паштровиќи на 15 февруари 1642 година, во кое Франческо де Леонардис, специјален пратеник на папата, кој чекал да отпатува за Пеќ, каде што со српскиот патријарх требало да преговара за унија на Српската православна црква со Светиот престол во Ватикан, известува за состојбите на теренот. Во своето доверливо писмо, Леонардис го известува папата дека е принуден да го одложи патувањето за Пеќ, затоа што бил известен дека српскиот патријарх отпатувал за Цариград „каде што охридскиот патријарх се обидува повторно да ги потчини сите поранешни територии под своја јурисдикција, односно да се прогласи за глава на Бугарија, Србија, Македонија и Босна“.

Според тоа, пратеникот Леонардис добро знаел дека Македонија не е Бугарија, како што не е ни Србија. А тоа се случува на средината на 17 век, не во 18 или 19 век, а да не зборуваме за 20 и 21 век. Во таа насока мошне интересно е и едно известување испратено од Скопје на 22 март 1642 година, значи еден месец по паниката на Србите дека охридскиот патријарх ќе договори со султанот враќање на целосната контрола на Охридската архиепископија врз своите поранешни, одземени територии. Имено, барскиот надбискуп Георго Бјанки известува дека на Скопска Црна Гора, освен православни, живеат и 500 католици, а ниту еден муслиман. Како и кога се населени Албанците на теренот од денешното Арачиново до Танушевци нема податоци во Конгрегацијата, затоа што Албанци на тој терен во тоа време нема.

Во секој случај, овие и многу други документи, чии оригинали можат да се проучат во Ватикан, а факсимилите можат да се видат во збирката на факсимили што ја поседува НУБ „Свети Климент Охридски“, сигурно ќе фрлат ново светло врз затемнетиот дел на балканската историја, која, како што се знае, особено по пропаста на античка Македонија, ја пишувале само победниците и оние што од петни жили се обидувале и обидуваат да ја снема Македонија, а со неа и Македонците.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Хроника