Дескоски: Прекршен еден од двата услови за поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО

Објавил: Данаил Михајловски | 1 октомври, 2018 12:16

Дури со 2/3 мнозинство во собранието – договорот со Грција е мртов!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Грција секогаш ќе може да се повика на неуспешниот референдум, и совршено правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за наше пристапување во НАТО, вели во својот Фејсбук статус професорот по меѓународно право на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Тони Дескоски.

Неговиот Фејсбук статус ви го пренесуваме во целост:

„Денеска гласавме. И покрај сите полемики, моето мислење е дека прашањето беше кристално јасно.

Кристално јасно е и дека на референдумот немаше доволен број на граѓани кои би се изјасниле на поставеното прашање.

Сега, кога имаме неуспешен референдум , чувствувам потреба да укажам на една одредба од Преспанската спогодба, која во значителна мерка може да влијае на идните постапки.

Имено, во чл. 2 став 4, точка б, алинеја ii (втора,трета и четврта реченица), изречно е пропишано дека поддршката на Грција за наше зачленување во НАТО е условено од исполнувањето на два кумулативни услови:

Прво, од исходот на референдумот (кој мора да е конзистентен со Спогодбата) и второ, усвојувањето на Уставните амандмани (четири на број).

Тоа значи дека без исполнување на било кој од двата услови, Грција нема да има обврска да не поддржи за членство во НАТО. Тоа пак значи, дека дури и да ја ратификуваат Преспанската спогодба во нивниот парламент, ние ќе бидеме во нивна милост или немилост, за тоа дали ќе не пропуштат во НАТО.

Грција секогаш ќе може да се повика на неуспешниот референдум, и совршено правно засновано да одбие да го ратификува протоколот за наше пристапување во НАТО. Тогаш, ниту Меѓународниот суд на правдата нема да пресуди за нас. Оттука, пред да се пристапи кон уставни измени, укажувам на опасноста со која се соочуваме, дури и ако амандманите бидат усвоени.“

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.