Единствениот Македонец од грчкиот парламент, Константинос Селцас од Лерин, член на "СИРИЗА", повикува да се гласа на референдумот со кој се брише и неговото етничко потекло

Објавил: Мирко Бачиќ | 23 септември, 2018 13:45

Единствениот Македонец во грчкиот парламент со “политичко самоубиство”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Во политиката тенка е границата од политичко триумфирање и политичко самоубиство. 

Константинос Селцас, единствениот пратеник кој го зборува македонскиот јазик и кој се декларира како етнички Македонец во грчкиот парамент, ги повика Македонците да гласаат масовно „ЗА“ прифаќање на преспанскиот договор на референдумот на 30 септември.

Потребно е следната недела, „ЗА“ да добие силно мнозинството, така што и јас од моја страна сум „ЗА“. Договорот од Преспа е авангарден и договор во корист на двата народи, од него ќе имаат придобивки и двете држави и двата народа во заедничкиот тек во Европската унија. Би го карактеризирал како многу позитивен и лично им честитам на двајцата премиери (Зоран Заев и Алексис Ципрас) кои придонесоа во оваа насока – вели пратеникот од редовите на владеачката СИРИЗА во грчкиот парламент.

Еден од групата на грчки пратеници кои беа на двете страни од Преспа при потпишувањето на договорот беше и Селцас, кој вели дека со колегите од Македонија, разговарале за поголема парламентарна соработка.

Вели дека договорот ќе помине успешно и ќе се имплементира.

Посакувам да помине. Верувам дека ќе помине. Во оваа насока чекориме и покрај тешкотиите што се појавуваат и во едната и во другата држава. Но, верувам дека на крај ќе победи логиката, ќе победи заедничката иднина, мислам дека не постои друг начин од овој, за да најдеме заеднички решенија, заедничко решение, мислам дека не е во интерес да не постои решение, бидејќи не можеме повеќе да чекаме, треба да стекнеме пријател, а пријател е секогаш соседот, така што треба во секој случај да помине. –  смета Селцас, кој по потекло е од Лерин.

Додава дека очекувал да има негативни реакции и отпор од страна на опозициите во двете земји.

Реакциите беа очекувани. Не кријам дека национализмот се насочени и од двете страни, и од едната и од другата страна затоа што едниот национализам го храни другиот национализам. Така што, очекував, но веруваме дека на крајот ќе преовладее логиката, затоа што национализмот нема иднина во Европската унија. Национализмот во минатото има донесено народи во многу тешки ситуации и ние овде на Балканот бидејќи го знаеме национализмот треба да го отфрлиме и да го оставиме зад нас. Балканот е тежок регионот, тешки соседи сме, но конечно ова треба да биде минато. – смета тој.

Константинос Селцас пред гласачите во Лерин и леринско ќе треба по оваа изјава да одговори на две прашања. Кавка етничка припадност ќе има и тој и македонската етничка заедница во Грција (но и Егејците од Егејска Македонија) по имплементирањето на Договорот од Преспа? И за кои две држави и два народи говори? Смее ли да каже Македонија и Македонци?

Патем Константинос Селцас од леринското село Врбени јавно никогаш не се декларирал како етнички Македонец, туку како грчки стоматолог кој говори бугарски јазик!?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести