Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава.

Објавил: admin@magazin | 22 декември, 2019 10:57

ЖАЛНА ВЕСТ: ПОЧИНА АКАДЕМИК ЃОРЃИ ФИЛИПОВСКИ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ НА МАНУ

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Академик Ѓорѓи Филиповски, еден од основачите на Македонската академија на науките и уметностите почина денес на 100 годишна возраст.

Академик Ѓорѓи Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, биле тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ.

Во мај оваа година, МАНУ со голема свеченост ја одбележа 100-годишнината од неговото раѓање.

„Често ме прашуваат во што е тајната на долгиот живот. Јас не сум стручњак за тоа, но еве ќе ви го кажам моето искуство. Пешачам, многу ги сакам планините, си го уредувам дворот. Порано имав и кајче но ми го украдоа, па сега само пливам. Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави. Јас секој ден читам“, рече академик Филиповски.

Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава.

Роден е во 1919, во село Сорович, Леринско, Егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947).

Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател.
Тој беше почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина.

Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.