Во Куманово традиционално, по седми пат се организира изложба на фотографии насловена: „Жените и фотографијата“

Објавил: Магдалена Стојмановиќ | 5 март, 2020 14:45

ЖЕНИ ЛИДЕРКИ: Со уметност во борба за женските права во Куманово

Фото/Текст извор: ©магазин

По повод интернационалниот ден на жените – 8ми Март во Куманово ќе се одржи изложба на фотографии насловена: „Жените и фотографијата“. Организатор на настанот е Фото Клуб Куманово, кој традиционално по седми пат ја организира изложбата на фотографиите.

Местото на одржување на настанот е НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од 6 – 19 март. На изложбата ќе бидат претставени фотографии од жени фотографи од Куманово. Покрај тоа што на изложбата ќе се промовираат уметничките капацитети на жените фотографи од Куманово и на фотографиите објектите на приказ се токму жените. Со тоа целокупното учество и внимание на изложбата е посветено на жените чија убавина се користи како есенцијален атрибут на уметничкото, но и жени – актерки во создавањето на уметничките дела.

„Фотографијата е јасен пример за напредокот. Додека списоците на „мајстори на фотографијата“ обично ги именуваа сите значајни мажи фотографи, жените полека ја превземаат фотографската уметност. Фотографијата не би била тоа што е денес, доколку не беше храброста и страста на одлични жени фотографи, поради кои фотографијата достигна возвишена состојба на уметност. Бројот на жени фотографи се зголеми во текот на минатиот век, а денес може да зборуваме за избалансиран однос помеѓу мажи и жени во оваа професија. Жената отсекогаш била дел од светот на фотографијата, како муза, модел и инспирација, но и како уметник чии фотографии имаат моќ да инспирираат. Суптилноста и чуствителноста на жената, вроденото чуство за грижа, внимателност како карактеристики кои ни се припишуваат се предност во оваа област за остварување на посакуваниот ефект – да се долови момент, зачува спомен“ – велат од фото клуб Куманово.

Ова е позитивен пример за учинокот на жените во борбата за унапредување на женските права и тоа токму преку културата и уметноста. Инаку 8ми Март е прогласен за интернационален ден на женските права на втората интернационална конференција во Копнхаген во 1910 година на предлог на Крала Цеткин. Овој датум се воведува како клучен датум во борбата за женските права и се третира како еден од најголемите дострели на фемистичките заложби.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести