– Тогаш ми беше речено, ако навистина ја зборувам вистината, да им дадам половина од колачот, во спротивно ќе ми ги пуштат ОЈО и Финансиска полиција и ќе ми ги земат сите пари од продажбата. Јас одговорив дека не доаѓа предвид ниту една варијанта, а подоцна од медиумите дознав дека почнале истрага против мене – сведочи Иванова.

Објавил: Весна Петровска | 27 септември, 2019 17:48

ЖЕСТОКО ОБВИНУВАЊЕ: Дали Кичеец во името на Ден Дончев побарал половина од парите од продажбата на „Диамед“?

Фото/Текст извор: ©онлајн магазин

Ново, жестоко обвинување на сметка на директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, но и на сметка на Зоран Милевски Кичеец, осомничен во аферата „Рекет“, изнесе денеска поранешната сопственичка на компанијата „Диамед“, Вера Иванова. Таа тврди дека ден пред продажбата на компанијата на светски познатиот провајдер на услуги на полето на дијализата, компанијата „Диаверум“ од Шведска, таа имала средба по барање на Зоран Милески Кичеец, на која тој, во името на Ден Дончев, од неа побарал половина од парите од продажбата.

Како што пишуваше Плусинфо, отворајќи ја оваа нова афера, Вера Иванова пред неколку дена поднесе кривична пријава против Ден Дончев, но и против министерот за здравство Венко Филипче, во која двајцата ги обвини дека ја злоупотребиле својата службена положба и презеле дејствија со цел да се спречи странската инвестиција, што резултирало и со блокирање на нејзината сметка во Монако. На оваа сметка Швеѓаните легално префрлиле околу 8 милиони евра од вкупно 11,5 милиони, а Иванова тие пари, како и парите „легнати“ на сметка на една домашна банка, уредно ги пријавила во УЈП.

Збогатено кривичното досие за „Рекет 2“

Кривичната пријава против Дончев и Филипче денеска е проширена со ново, добро познато име – Зоран Милевски Кичеец. Во пријавата, Иванова тврди дека од неа било барано да ја запре продажбата, но таа одговорила дека тоа веќе не е можно, бидејќи договорот е потпишан.

– Тогаш ми беше речено, ако навистина ја зборувам вистината, да им дадам половина од колачот, во спротивно ќе ми ги пуштат ОЈО и Финансиска полиција и ќе ми ги земат сите пари од продажбата. Јас одговорив дека не доаѓа предвид ниту една варијанта, а подоцна од медиумите дознав дека почнале истрага против мене – сведочи Иванова.

Како што е познато, по објавувањето на кривичната пријава од Иванова, поднесена преку Адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ, Дончев на 20 септември свика прес-конференција, на која изјави дека не било вршено никакво влијание како што тврди Иванова, но призна дека тој и Филипче ја предупредувале шведската фирма, дури и писмено, преку Шведската амбасада, дека имаат намера да ги испитуваат околностите под кои компанијата „Диамед“ ја добила концесијата за дијализа во дел од земјата. Тоа предупредување било упатено во период кога немало истрага, а најверојатно ни предистрага. Но, подоцна, шведската компанија била известена дека има истрага.

Кривичната пријава против Дончев и Филипче денеска е проширена со ново, добро познато име – Зоран Милевски Кичеец.

На таа прес-конференција, Дончев изнесе детали од предистрагата што била поведена, а на новинарите им вети дека ќе им ги подели материјалите што ги покажа, но ветувањето не го исполни. Како и да е, откривајќи детаљи од предистрагата, Дончев сторил ново кривично дело, Повреда на тајноста на постапката, според член 369 од Кривичниот законик, се вели во проширувањето на кривичната пријава. Во врска со средбата за која зборува Иванова, Дончев се товари како поттикнувач на кривичното дело Уцена, според член 259 став 1 од КЗ, за кое се товари Зоран Милевски Кичеец. Во првичната пријава, Дончев и министерот Филипче беа обвинети за кривичното дело Злоупореба на службена положба според член 353 став 1 од КЗ.

Што вели словенечката Нова 24 ТВ?

И така, додека се полни кривичното досие поврзано со овој скандал, за него дозна и меѓународната јавност, преку прилог на словенечкиот медиум Нова 24 ТВ. Во текстот под наслов „Скандал! Блиски соработници на левичарскиот северномакедонски премиер Заев, добар пријател на Тања Фајон, обвинети за вршење пртисок на угледна меѓународна здравствена компанија“, медиумот изнесува и нови детаљи, кои досега не ѝ беа познати на македонската јавност. Имено, се посочува на вмешаноста на Зоран Милевски Кичеец, за кого директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, на спомнатата прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање колку добро се познава со Кичеец, одговори дека го знаел само од телевизија.

Но, словенечкиот новинар Рајко Голоб, авторот на текстот, тврди дека нивното познанство е далеку подлабоко.

– Зад сето ова очигледно стои желбата на македонската влада за преземање профитабилни компании. Откако сопственичката на „Диамед“ на 25 октомври минатата година го потпишала купопродажниот договор со шведската компанија, добила повик од озлогласениот Зоран Милевски, кој е близок со македонскиот премиер, но и со локалното подземје. Тој побарал од неа веднаш да го повлече потписот, а доколку не го стори тоа, ѝ се заканил на Иванова дека против неа ќе биде покрената кривична истрага. Без оглед на сè, Иванова го отфрлила барањето на Милевски. Само ден подоцна, на 26 октомври, обвинителката Вилма Рускоска најавила дека нејзиното обвинителство ја истражува работата на фирмата „Диамед“. Две недели подоцна следува поголем шок. Обвинителството ги замрзнува средствата на сопственичката на „Диамед“ стекнати од продажбата на „Диамед“ на шведскиот стратешки партнер – пишува новинарот Голоб.

Тој тврди дека имало докази дека Милевски присуствувал на најмалку три состаноци во канцеларијата на Дончев.

– Освен тоа, најспорно е што предметот ѝ е доделен на Рускоска, која е позната по контроверзните одлуки на штета на опозицијата и во корист на македонската влада. Благодарение на неа, членовите на македонската влада се практично недопирливи за судовите – се тврди во текстот.

Соред словенечката Нова 24 ТВ, тврдењето на Дончев дека две фирми сега имаат целосен монопол во земјата за вршење дијализа, претставува намерно лажење на јавноста.

– Деталното испитување на состојбата покажува дека има најмалку пет други субјекти за дијализа во земјата. Треба да се потенцира и дека реномираната шведска компанија е под постојан притисок за изнуда од страна на државата откако е влезена во „Диамед“. Оттука, повеќе од очигледно е дека скандалот веќе добива меѓународна димензија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести