Премиерот Заев им се извини на "пријателите и браќата" Бугари со свој Фејсбук пост за зборовите кажани во телевизиското интервју на "1ТВ" на 4 август дека Илинденското востание е македонско

Објавил: Мирко Бачиќ | 10 август, 2018 14:12

Заев им се извини на бугарите оти кажал дека Илиденското било Македонско востание

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Овој пост следеше веднаш по предупредувањето од прeмиерот на Бугарија Бојко Борисов дека “кога ќе дојде време Бугарија да го искаже своето мислење за пристапување на Македонија кон ЕУ ќе се сети на овие зборови и ќе донесе своја одлука”.

Еве што напиша Заев:

Гледам во пријателска Бугарија се отвори јавна дебата и се постави дури и прашањето за тоа дали ние двете земји и двата народи градиме ИСКРЕНО пријателство и соработка.

Сакам да им порачам на сите граѓани дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени.

Ние повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу двата народи неколку пати заедно одбележуваме историски настани. Јас сум првиот премиер на Македонија што во Бугарија [ Благоевград ] се поклони пред споменикот на Гоце Делчев при заедничкото одбележување на празникот. Претходно мојот пријател господинот Борисов беше прв бугарски премиер кој се поклони пред гробот на Гоце Делчев во Македонија [ Скопје ] при заедничкото одбележување на празникот.

Заедно двајцата претседатели на влади се поклонивме и пред споменикот на Цар Самоил во Софија. Заедно во Рим во Ватикан оваа година ги славевме Светите браќа Кирил и Методиј заедничките сесловенски просветители. Премиерот Борисов дојде во Скопје специјално да се поклони пред споменикот на Холокаустот на Евреите.

Драги пријатели и браќа од Бугарија верувајте искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите некогаш правиме и грешки но ве уверувам дека тоа е само невнимание затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство.

Зарем можеме да заборавиме како премиерот Борисов и министерката Захариева се бореа за Македонија во Министерскиот Совет на ЕУ и во Советот на Европа за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ? Се бореа како што се борат за својата земја.

Зарем можеме да се правиме слепи и глуви кога гледаме и слушаме сe што Бугарија направи и успеа во тоа да и помогне на Македонија за добивање на поканата за членство во НАТО? Зарем цела Европа не виде како Бугарија помага за Македонија и Западниот Балкан да се приближат кон Европската Унија?

Никогаш нема да го заборавиме тоа пријателство кое е докажано на дело. Ние сме благодарни и многу го почитуваме тоа. Затоа заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина. Заедно ќе бидеме како едно семејство во заедништво со сојузниците од Европската Унија и НАТО.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести