Инвестиции во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра предвиде Владата со Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027.

Објавил: Рејхан Бајрами | 30 мај, 2021 8:05

Заев најави отворање на 12.700 нови работни места

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Инвестиции во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра предвиде Владата со Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027.

Планот содржи јавни и приватни инвестиции кои се во согласност со сегашните и идните стратегии за економски раст на земјата. Од овие средства 5 милијарди и 791 милиони евра се јавни инвестиции додека 2 милијарди и 384 милиони евра се планирани приватни инвестиции. Реализацијата на инвестиции е во согласност со деловните планови на инвеститорите односно буџетската рамка на Владата на Република Северна Македонија.

Во однос на распределбата на инвестициите по сектори, планирани се:

  • 3,144 милијарди ЕУР во секторот енергетика;
  • 2,729 милијарди ЕУР во секторот патна и железничка инфраструктура;
  • 798 милиони евра во преработувачката индустрија;
  • 300 милиони ЕУР во инвестиции за малопродажба;
  • 500 милиони евра инвестиции во јавното здравство;
  • 504 милиони евра во комунална инфраструктура – животна средина (прочистителни станици, селектирање на отпад и сл.);
  • 200 милиони евра во туризмот.

Преку јасна стратегија и амбициозен план за инвестиции може да ја постигнеме целта за забрзување на економскиот раст и подобар животен стандард за сите граѓани.

Во продолжение обраќањето на премиерот Заев во целина за Интервентниот план за инвестиции (ИПИ 2021 – 2027):

„Почитувани граѓани,

Почитувани граѓани, претставници на медиумите,

Почитуван вицепремиер Битиќи, министри Бесими, Бочварски и Бектеши,

Владата во четврток навечер дискутираше и усвои еден план којшто навистина е сериозна намера работена долги месеци сѐ со конечна цел да ја искористиме секоја криза како можност и да ја пласираме нашата земја во предимство, односно во подобри позиции во позитивната конкуренција со целиот овој регион.

Се работи за Интервентен план за инвестиции 2021-2027 година, на којшто јас, ресорните министрите, работевме буквално од 1 септември од формирање на Владата. Покрај на здравствениот аспект на кризата бевме фокусирани на навремено подготвување на огромен број би рекол десетици и десетици проекти коишто дефинитивно треба да направат буст на македонската економија и навистина излезот од ковид кризата да го искористиме на најдобар можен начин во прилог на севкупниот економски раст во прилог на сите макроекономски проекции на Министерството за финансии, но како појдовна основа да го земеме Европскиот инвестиционен план, а имајќи ја предвид секако секторската стратегија на ЕУ и Националниот инвестициски комитет којшто дефинитивно ги разработи сите овие чекори.

Она коешто е важно од 9 милијарди од ЕУ некаде ни следуваат околу 900 милиони до милијарда евра и се зависи од капацитетот на нашите проекти, но основата на инвестициски план тргна токму од Европската инвестициска програма која што беше нешто коешто го охрабри целиот Западен Балкан во севкупниот recovery план на ЕУ, дел посветен и на Западен Балкан, меѓу кои и на Северна Македонија.

Сакам да се заблагодарам на сите економски министри и на сите институции што работеа на ова што сега ќе го претставиме, но и на сите останати ресори кои помагаа за да можеме да бидеме во една ваква фаза на презентација.

Сите овие проекти значат влез во финална фаза на правно разработување на самите проекти заради нивен старт, еден дел се веќе правно договорени и почнуваат со својата реализација, а еден дел се веќе реализираат како проекти. Значајно е тоа што еден дел од овие проекти доаѓаат од Собранието, еден дел ќе дојдат по пат на јавно приватно партнерство, еден значаен дел ќе одат под концесии, друг дел пак, се стандарди постапки и процедури од страна на државата. Важно е да даде прилог овде и опозицијата, затоа што ова е нешто коешто е во интерес на сите граѓани, но најважна е секако поддршката на граѓаните.

Инвестицискиот фокус е во следните сектори, енергетска инфраструктура, патна и железничка и гасоводна инфраструктура, отпадот и пречистителните станици во државата, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, комуналната инфраструктура, водоводи и канализации, туризам, но секако и многу други проекти.

Интервентниот инвестициски план или ИПИ 2021 – 2027 претставува јасен и одлучен пост ковид чекор навремено подготвен со кој излегуваме од пандемиската криза и со кој го трасираме патот на македонската економија, согласно светските трендови за обезбедување квалитетни услови за живот за секој наш граѓанин. Секоја криза е и можност, да го фатиме чекорот навремено и да бидеме навистина подобри од другите земји во регионот. Ова се клучни проекти и инвестиции во кои ги насочуваме сите капацитети на државата за да успеат проектите. За се ова ние треба поддршка како што реков од целиот наш народ, од институциите на системот, од опозицијата за да можеме во најголем процент од вака замислените и дизајнирани проекти да успеат.

Повеќе на овој ЛИНК

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.