Премиерот Заев, заедно со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, денеска го најавија почетокот на реконструкција на Универзалната сала, за чија цел се промовира проектот изработен од архитектот Бујар Муча.

Објавил: admin@magazin | 1 март, 2021 18:56

Заев: Одвоивме 120 милиони денари за реконструкција на Универзална сала – Скопје во постојниот облик, современа и енергетски ефикасна

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

„Универзална ќе биде реконструирана во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед со цел и понатаму да служи во колективната меморија како симбол на солидарноста“, изјави премиерот Зоран Заев на настанот по повод презентацијата на проектот за реконструкцијата на Универзална сала – Скопје.

Премиерот Заев, заедно со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, денеска го најавија почетокот на реконструкција на Универзалната сала, за чија цел се промовира проектот изработен од архитектот Бујар Муча. Градежните работи треба да започнат во мај годинава!

Универзална сала, во времето кога е изградена, ја пренесе пораката до постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на светска пандемија, кога започнуваме со нејзината обнова Универзална повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи.

И уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“, на Град Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација.

Град Скопје ја прифати донацијата и откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи се предвидува почеток на реконструкцијата на 1 мај. Со повторното отворање на вратите на Универзална, кои 5 и пол години се затворени, ќе се создадат сите услови да се отворат и портите на Скопје со претензија во 2028 година со гордост да ја понесе титулата европска престолнина на културата“, изјави Заев и додаде дека Владата секогаш ќе биде инспирирана од проекти кои се од непосреден интерес и придобивка за граѓаните.

Градоначалникот Шилегов искажа голема благодарност во Владата која одвои 120 милиони денари средства од Буџетот за реализација на овој проект кој има огромно значење за скопската и македонската култура.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести