Поранешниот градоначалник на Кратово со нова кривична пријава, како и првата така и оваа е за бизнис реалции со компании блиски на претседателот на СП, Љубисав Иванов Ѕинго

Објавил: Мартин Попоски | 29 ноември, 2018 7:47

Заев прати “порака” до Ѕинго за преостанатите пратенички гласови?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Поранешниот градоначалник на Кратово, Мите Андоновски за пет месеци со нова кривична пријава за своето работење.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против шест лица вработени во кратовската локална самоуправа за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”, а против поранешниот градоначалник на Кратово Мите Андоновски (62) и против Р.С.К.(37) од Кратово, раководител на одделение за финансиски прашања во општина Кратово за сторено кривично дело “несовесно работење во службата”.

Љубисав Иванов Ѕинго во периодот пред гласањето за отворање на уставот и почеток на уставните измени јасно кажа дека неговите три пратеници остануваат доследни на ставот дека нема да поддржат измени, по што пратеничката Авировиќ прва изрази непослушност на партиската одлука.

Како што соопшти МВР, со првата кривична пријава се опфатени А.Ј.(64) од Кратово, градежен техничар во одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР при Општина Кратово, Ц.А.(56) од Кратово, раководител на одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР при локална единица општина Кратово, С.К.(58) од Кратово, соработник во одделение за урбанизам, комунални работи, заштита на животна средина и ЛЕР при локална единица Општина Кратово, М.Б.(70) од Кратово, поранешен референт за собирање и наплата на даноци и комунални такси при општина Кратово, Д.Ф.К.(35) од Куманово, соработник за даноци и такси во одделението за финансиски прашања во општина Кратово, М.К.(58) од село Шлегово, Кратово, даночен извршител во одделението за финансиски прашања во општина Кратово, за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување”.

Во текот на 2008 година прво, второ и третопријавениот, како членови на комисија за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот во Општина Кратово, при проценка на пазарна вредност на недвижен имот на 11 објекти во сопственост или како корисник на неколку фирми од Кратово извршиле проценка на површина помала за 24.877 м2 од фактичката, по што истата ја запишале во имотните листови на наведените објекти.

По ова, во периодот од 2008 до 2017 година четврто, петто и шестопријавениот, при изготвување на решенија за данок на имот и контрола на проценката на фактичката квадратура, не извршиле соодветна проценка на наведените објекти, додека при пресметката на данокот за истите не ги опфатиле дворните места на наведените објекти, со што изготвиле решенија за данок на имот на наведените правни лица со помал износ. – наведуваат од МВР.

Воедно се додава, дека во наведениот период седмопријавената, не извршила должен надзор врз работата на прво, второ, трето, четврто, петто и шестопријавениот, со што овозможила да бидат изготвувани решенија за наплата на данок на имот на наведените правни лица во помал износ.

Исто така, во перидот од 2008 до 2017 година, осмопријавениот, со пропуштање на должен надзор, ги потпишувал изготвените решенија за наплата на данок на имот на наведените правни лица, со што овозможил истите да се стекнат со противправна имотна корист од околу 2.453.120 денари на штета на Буџетот на општина Кратово.

Ова е втора кривична пријава за Андоновски. Првата ја доби во јули оваа година.

Поранешниот градоначалник на Кратово, Мите Андоновски, се сомничи за несовесно работење во службата. Против него е поднесена кривична пријава поради тоа што и дозволил на фирмата „РИК Силекс“ без надомест да ја користи поранешната училишна зграда. На овој начин фирмата се стекнала со противправна имотна корист од речиси 90.000 евра на штета на Општината.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово поднесе кривична пријава против М.А.(62) од Кратово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “несовесно работење во службата”. Во периодот од април 2005 година до октомври 2017 година, пријавениот, како градоначалник на општина Кратово, не го информирал Советот на општина Кратово, за ненаменско користење на поранешна училишна зграда Кристалограверница, на АД “РИК Силекс” од Кратово, која на истото, согласно договор била издадена без надоместок. Со ова пријавениот, му овозможил на  АД “РИК Силекс” Кратово, преку издавање под закуп на наведениот објект, да се стекне со противправна имотна корист од 5.420.154 денари,  на штета на буџетот на Општина Кратово. – велат од полицијата.

И двете кривични пријави во основа опфаќаат компании на претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љубисав Иванов Ѕинго, со што отворено се поставува прашањето дали ова не е уште еден притисок по одметнувањето на пратеничката Авировиќ, за уставните измени да гласаат и пратеницте Љупчо Димовски и Стојан Миланов?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.