Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек.

Објавил: Рејхан Бајрами | 21 декември, 2020 13:34

Заев: Со „Акција 21 – за европски стандарди дома“ ги забрзуваме процесите за европска Македонија и за да ги почнеме преговорите со ЕУ во секое време

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.

Обраќањето на премиерот Заев ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

Без разлика што ЕУ испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние, и како држава, и како Влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек.

Нема отстапување од стремежите за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување на добрососедски односи, активно учество во алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност кон членството во ЕУ.

Дома, нема да дозволиме неуспехот на ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка, да предизвика застој во внатрешните реформи. Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома.

Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик! Ќе продолжиме со реформите со уште посилен интензитет.

Затоа денеска, имам чест да претставам неколку од клучните проекти и програми кои ќе го окупираат нашето внимание и време следната година. Овие големи и важни, домашни, македонски проекти се дел од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!”

Ги повикувам на обврска сите владини функционери и службеници да продолжат да даваат максимум на целите кои ги утврдивме како највисок интерес на граѓаните и за кои добивме мандат да ги реализираме. Ве повикувам и вас почитувани граѓани, приклучете се, дајте максимум сега, кога сме најподготвени да си го направиме животот дома подобар и поубав.

Сите заедно, продолжуваме да ја правиме Северна Македонија европска, подготвени во секое време да ги почнеме преговорите со ЕУ.

Во „Акција 21“ вклучуваме 10 приоритети, а број 1 на листата е – Прочистувањето на правосудството.

Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. За некои од нив, за Мицкоски на пример, во неколку наврати јавно чувме дека се единствени на браникот на криминалот – го знаевме тоа, затоа беа против Законот за јавно обвинителство кој како владејачко мнозинство го донесовме во Собранието.

Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80тина предмети, а осум судии биле разрешени. Процесите се почнати, нема назад.

Моделот за прочистување или филтрација, е во завршна фаза. На него работеа првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и тие ќе бидат тие што ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести