Како што истакна Заев на онлајн прес-конференција, Владата останува на утврдениот стратешки колосек.

Објавил: Рејхан Бајрами | 14 декември, 2020 19:03

Заев: 100 дена со граѓаните – грижа, одговорност и сигурност

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Денес, 100 дена по изборот на Владата, гордо изговараме дека овие три месеци бевме тука за и со граѓаните, целосно посветени на грижа, одговорност и сигурност. Успешно справување со КОВИД-пандемијата, нова енергија и решителност за подинамичен економски раст и одржлив развој, ефикасна правна држава и силни инстиуции, модерно образование и внатрешна кохезија, активно членство во НАТО и силна волја за успешен почеток и завршување на преговорите за ЕУ, остануваат наши клучни приоритети, рече премиерот Зоран Заев во отчетот за сработеното.

Како што истакна Заев на онлајн прес-конференција, Владата останува на утврдениот стратешки колосек.

Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена беше справувањето со светската пандемија со КОВИД-19.

Го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите наши граѓани.

 Активиравме политики и мерки за рестарт на домашната економија и за забрзан економски раст, цели што си ги поставивме да бидат најважни во Програмата за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година.

Како одговорни политичари, но пред сѐ како граѓани, се обврзуваме на силна, бескомпромисна борба за заштита на животната средина. Енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот.

Влеговме во интензивен процес на градење на уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните и на спроведувањето на важни политики во образованието и науката, во социјалната и во сферата на културата.

Во изминатите 100 дена, едно од најважните прашања на кое секојдневно беше посветена оваа Влада, беше изнаоѓањето решенија за прашањата што ги постави Бугарија како пречка пред конечната согласност за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ.

Резимето од 100-те дена е прилика да ја изразам мојата и благодарноста на Владата до сите наши сограѓани од сите етнички заедници и до сите политички претставници на различните заедници во земјата, за досегашната поддршка за спроведување на заеднички утврдената Програма на Владата.

Владата останува на утврдениот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Ќе продолжиме со реформите со силен интензитет. Наша обврска е да ги спроведуваме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива и нема откажување!

Продолжуваме како и во првите 100 дена. Со грижа и со одговорност, обезбедуваме сигурност, рече Заев!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика