Оливер Спасовски во име на владата и Емил Димитриев во име на опозицијата го усогласиле законскиот текст, но Фросина Ременски е против!

Објавил: Данаил Михајловски | 20 мај, 2019 12:28

Агенцијата за национална безбедност – Фросина Ременски контра Оливер Спасовски!

Фото/Текст извор: ©магазин

Собраниската комисија за безбедност денес делува како расштиман оркестар, затоа што владеачкото мнозинство има два концепти за законот за безбедносната агенција. Фросина Ременски поднесува 35 амандмани на законот со кој се предвидува формирање нова агенција за безбедност, со кој практично се става „клуч на врата“ на досегашната УБК, овој сектор се одвојува од МВР и преминува под ингеренција на Премиерот. Иако предлог законот неколку месеци беше усогласуван меѓу работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои се предводени од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од поранешниот технички премиер Емил Димитриев, кој сега е на чело на собраниската Комисија за надзор над прислушувањето, во пет до 12, со голем број на амнадмани влета и потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, чии амандмани се поддржани и од пратениците Павле Богоевски, Мухамед Зекири и Горан Мисовски. 

Законот за агенцијата за безбедност се носи со двотретинско мнозинство и амандманската расправа за него почна денеска во Комисијата за одбрана и безбедност, но со чести паузи, дополнителни координации и обиди да се испеглаат разликите меѓу министерот Спасовски и пратеничката од СДСМ Фросина Ременски. Пратеничката Ременски засега не отстапува и не ги повлекува нејзините амандмани од комисиската расправа. Овој закон е еден од оние чие донесување се очекува и од страна на Европската Комисија, за да може да биде констатиран напредок и во оваа област. Во собраниските кулоари се шпекулира дека пратеничката Фросина Ременски има два мотиви, прво, доброто познавање на разузнавачкиот сектор преку активноста на нејзиниот сопруг во МВР, но и втор мотив, а тоа е да даде сигнал до премиерот Заев дека таа има и амбиција и капацитет да биде дел од извршната власт. Во следниве 2-3 недели се очекува операцијата “метла“ да зафати неколку министри и повеќе директори од власта, па веројатно тоа ќе биде прилика и за некои пратеници да добијат шанса за политичка промоција како дел од извшната власт. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести