Заменик министерот открива дека во образованието се вработува по партиски клуч

Објавил: Узунов Бобан | 26 јуни, 2019 14:40

Заменик министерот Петар Атанасов: Образованието стана место за вработување на партиски послушници !

Фото/Текст извор: ©магазин

Заменик министерот за образование Петар Атанасов кој пред неколку дена си поднесе оставка од фунцкијата со образложение дека Владата не спроведува доволно реформи, денеска во интервју за новинаската агенција мета.мк, открива дека во образованието се вработува по партиски клуч, и дека не се вработуваат ниту најдобрите партиски кадри туку се е политички пазар. 

Атанасов пред неколку недели пред оставката  предупреди дека „треба да се запали црвеното светло“ и многу да се работи за да се подобри образованието. Оставката на Атанасов предизвика реакции во јавноста и го отвори прашањето, до каде сме со промените и реформите во образованието.

Се залагавте за промени, но во практика гледаме дека не се случува ништо посебно кога станува збор за решавање на проблемите во образованието, а нема ниту позначајни реформи што треба да го подобрат квалитетот на системот. Што и кој го кочи процесот?

Од една страна, за да има промени треба првите луѓе да соработуваат многу повеќе во една нормална и редовна процедура. Во МОН јас не бев воопшто запознат што работи и што спроведува кабинетот на министерот. Понекогаш се случуваше со министерот со недели да немаме средба. Од друга страна, образовниот систем е жив организам. Не се подобрува или решава со дописи или преку службена комуникација. Така што еден закон, колку и да е важен, сам по себе нема да ги реши процесите. Треба да се работи со наставниците, со училиштата, да им се помогне и да им се покаже преку пример. Некои наставници никогаш немале можност да видат како изгледа подобар систем на образование. Особено претставниците на образовните институции треба да се секој ден на терен со наставниците. Тоа во нашиот случај не се случува. Институциите се инертни и неефикасни. Кадровската политика, исто така, не е на задоволително ниво. Има погрешни луѓе на вистински места. Образованието стана место за вработување на партиски послушници. Дури не се вработуваат ниту најдобрите кадри на партиите, туку главно е политички пазар. 

Во телевизиско интервју премиерот Заев изјави дека Атанасов „тоа го направи (оставката н.з) затоа што не стана министер за образование. Тој бараше од мене да стане министер за образование, но не стана министер“.

Не бевте вклучен во состаноците, настаните и останатите активности што ги организираше кабинетот на Адеми. Зошто вие двајца не соработувавте и зошто немавте комуникација уште од почетокот?

Нашата соработка зависеше од министерот, а не од мене. Мислам дека немаше искрена желба за соработка. Причините за тоа не ми се познати. Еве на пример, во Министерството за образование на Бугарија има четири заменици министри и секој е задолжен за по два или три сектори. Колегите се задоволни затоа што со започнувањето на евроинтерациите работата неколкукратно им се зголемила. Јас не бев задолжен за ништо конкретно, ниту пак имав какви било ингеренции. Значи и да сакав, не можев да направам многу. Тоа полека стануваше напорно.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести