Министерот Димитров не се одлучил да поведе дисциплинска постапка против Сарафов

Објавил: Данаил Михајловски | 11 декември, 2018 12:16

Заспаниот советник на Димитров доби прекоманда

Фото/Текст извор: ©магазин

Магазин пред неколку денови ја објави сторијата за “заспаниот советник“ од кабинетот на министерот Димитров, дипломатот Владимир Сарафов. Имено, стануваше збор за советник од кабинетот на Димитров кој на неколку пати, во тек на работното време, бил затечен од странки како спие на работното место, со нозете на биро.

И дури никој не се ни осмелувал да го разбуди во таквите ситуации, бидејќи одвреме навреме знаел да биде и насилен, а по се изгледа и дека никогаш не трпел санкции заради тоа, бидејќи се збори дека некој од раководството на МНР му го чува грбот. Како и да е, написот предизвика голем интерес кај читателите, но уште поголем бил интересот и во самото министерство за надворешни работи. Дознаваме, од извори во МНР, дека “заспаниот Сарафов“ бил тема и на куса конверзација меѓу министерот Димитров и државниот секретар Виктор Димовски, при што Димитров му наредил на Димовски да го тргне Сарафов од неговиот кабинет и да го распореди на некоја помалку важна позиција во министерството, но тоа да биде дискретно и без поведување на било какви дисциплински постапки. Според договореното, денес, државниот секретар Димовски му врачил на Сарафов ново решение за работно место и го префрлил во одделението за конзуларни работи, каде што началник е Звонимир Поповиќ. На Сарафов му било кажано дека по објавата на написот за неговото поведение, МНР како институција трпела штета на угледот, а истото се однесувало и на репутацијата на министерот. Интересен куриозитет е што на ваквото решение дипломатот Владимиир Сарафов најавил дека ќе се жали до синдикатот на МНР, за нарушување на неговите работни права. Но, она што е битно за министерството и за јавноста е дека преместувањето од една во друга канцеларија на службеник кој не ги исполнува своите работни задачи, ни оддалеку не е реформа на јавната администрација. Но, кога станува збор за МНР, очигледно е дека таму има и службеници кои се поеднакви од другите свои колеги, и се заштитени од актуелното раководство на министерството. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести