Некои тоа додворување го правеле кон Србија, некои кон Бугарија, некои кон Грција, Албанија итн а “наш Стево” кон кој ќе стигне.

Објавил: Весна Петровска | 6 декември, 2019 15:34

Зафатени сте од три вируси: Едниот вирус сум ви ЈАС – Груевски повторно во центарот на вниманието

Фото/Текст извор: ©оналјн магазин

Екс премиерот Никола Груевски повторно се огласи од Унгарија на својата социјална мрежа, тој напиша неколку интересни точки за моменталната ситуација во Македонија, тој го нарече како тренд на вирусите, што алудираше на актуелниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски.

– Со жалење ги проследувам настапите на некои македонски политичари како последните на Стево Пендаровски, актуелен Претседател на Македонија.

Влечејќи една историска паралела не можам, а да не се потсетам на многуте такви кои продефилирале и потоа се заборавиле во македонската историја кои сакајќи да се допаднат и додворат на помоќните соседи, и самите себе и други политичари или во тие времиња револуционери од Македонија ги обвинуваат и се обвинуваат за се и сешто.
Некои тоа додворување го правеле кон Србија, некои кон Бугарија, некои кон Грција, Албанија итн а “наш Стево” кон кој ќе стигне.

Исто така гледам дека сериозно го фатиле два “вируса” истовремено од неговите колеги од СДСМ каде и реално припаѓа независно колку да сака да го доживуваме како “независен”.

Едниот “вирус” е опсесијата со мене, која е веќе очигледна во секој негов настап. Вториот вирус е говорењето невистини, а преку тоа и манипулирање.

Овие симптоми Пендаровски ги пројави уште во изборната претседателска кампања. Тогаш ги игнорирав и мислев дека можеби се привремени и ќе траат дваесетина дена, но сега е веќе јасно дека се хронични и тешко излечиви.

Затоа, барем повремено ќе одговорам на шупливите тези, невистини и манипулации, во кои кога онака како во транс ги кажува со целата сериозност во ликот, мислиш дека и самиот верува во нив…

Патем речено, понекогаш несвесно или можеби свесно, знае да ја каже вистината, па во тој контекст имам разбирање зошто цели 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога не беше Претседател на Македонија, дури и по поразот на претходните претседателски избори, немал ниту намера, ниту обид да си замине од Македонија во странство, а сега откако дојде СДСМ, а тој стана Претседател сподели со јавноста на целиот Балкан и пошироко со светот дека да не бил претседател и тој сега би си заминал од Македонија.
Најдоброто објаснување на ова негово чувство се чита од неодамна објавениот податок за иселувањата прикажан во следниот графикон објавен деновиве низ социјалните мрежи.

Давајќи интервју за бугарската БГНЕС од оние парчиња кои се објавени како делови од интервјуто, склучениот договор за пријателство со Бугарија го престави како извлекување од изолација на Македонија од страна на Премиерот Бојко Борисов. Со овој договор да потсетам дека прифативме да се откажеме од македонското малцинство во Бугарија. Прифативме дека имаме сопствена историја само после 2 август 1944 година. Не добивме признавање на македонскиот јазик кој и понатаму со пријателскиот договор за пријателска Бугарија останува еден од дијалектите на Бугарскиот јазик а во официјалната комуникација продолжува да се нарекува “македонски” но со додавката “според Уставот на Македонија”. Прифативме со комисијата за ревизија на историјата дека (ова е прашање на време), фразата во договорот “заедничка историја” всушност ќе значи бугарска историја. Не е тајна дека Илинденското востание, Бугарија не го претставува како заедничко востание со Македонците, туку како бугарско востание, односно востание на бугарскиот народ во Македонија. По името на Гоце Делчев и Јане Сандански имаат имиња на градови. Слушнавме и дека 11 Октомври нашите соседи го сметаат за битка помеѓу идеолошки спротиставените страни на левицата и десницата на бугарското население во Македонија. Пендаровски, а и македонското народ допрва ќе видат што сме прифатиле со договорот со кој Борисов не извлекол од изолација. Не знам дали Пендаровски не приметува дека до пред потпишувањето на договорот соседите се бореа за фразата “заедничка историја”. Сега ние се бориме за тоа. Ние се бориме Делчев да е заеднички а не само бугарски револуционер, на пример.
Впрочем неодамнешната резолуција на Бугарскиот парламент, прифатена од сите партии во парламентот до многу нови барања од кои се изненадени и најголемите подржувачи на бугарската кауза во Македонија, најавува во кој правец ќе се движи натамошното “извлекување од изолација”.
После овие ласкави комплименти Премиерот на Бугарија разбирливо јавно му се заблагодари, што е сосема нормално кога некого ќе го поразите “до колена” а тој потоа ве воздигнува колку сте му помогнале и колку тие што претходно давале отпор биле лоши. Верувам дека премиерот Борисов потсмевнувајки се во себе во духот на познатото поздравување од Пендаровски си рекол: “Љубави”…се претера… “.

Понатаму раскажува дека овој светол чин на “извлекување од изолација” се случил откако Македонија само што била излезена од еден “ригиден автократски режим на Никола Груевски” кој не бил само антизападен и антиалбански, туку бил и антибугарски настроен, опишувајќи дека во тоа време се што доаѓало од Софија било како во најлошите денови од комунизмот кога се кажувале вицови за Бугарите и сме се исмевале со бугарскиот народ. Сето тоа било реставрирано во времето кога јас бев премиер.
Боже, боже…
Па забрефтано како во транс продолжува дека Бугарија како држава, во времето на Никола Груевски не постоела.
Потоа изразува чудење дека организацијата која тврди дека е историски наследник на историското, како што тој вели “ВЕМЕРО”, отишла со таква антибугарска реторика и конкретно постапување.

На крај уште фалејќи се дека како експерт и професор одамна така зборел на студентите “закуцува” со уште една теза на која не знае човек дали да се смее или да се загрижи за нивото на познавање на историја на човек кој врши таква функција, велејќи дека најголема историска девијација било “лидерот на историското ВМРО Белград да му е поблизок од Софија”.

Подоцна кажува дека освен пристаништето во Грција (незнам зошто не Грција, туку пристаништето), Бугарија е нашата најблиска врата спрема Европа. Понатаму има и други трули тези и невистини, од типот дека било тешко да се направи договорот за пријателство, иако не објасни што е тешкото во едно двомесечно глумење преговори да прифатиш се што другата страна ќе те услови…

1.Прво околу историски дел.
ВМРО не припаѓала никому освен на народот и нејзините членови, војводи и комити. Ставајќи го во своето име зборот “внатрешна” лидерите на организацијата објаснуваат дека со тоа се нагласува дека таа не припаѓа на ниту една од соседните земји и дека со внатрешни сили ќе ја извојува слободата.

Не случајно во уставот на ВМОРО во членот 2 стои:
Организацијата им се спротиставува на стремежите за делба и освојување на тие области од која и да е држава.

Да, особено во втората половина од своето дејствување, организацијата се бори за ослободување на вардарскиот и егејскиот дел на Македонија под Српска и Грчка власт и речиси секогаш напаѓа легитимни цели на тие територии (полиција, војска, високи политичари на власт, ренегати, предавници и шпиони). Со Србија е во вистинска војна секојдневно нанесувајќи и огромни загуби, како и Србија кон нив. Да, ВМРО знаеле и да облечат бугарска воена униформа и да војуваат во состав на бугарската армија тогаш кога верувале дека по таа заеднички добиена битка, на тој начин ќе ја остварат својата цел и кауза. Соработувале и со Германија, Австроунгарија, Италија итн. секогаш со една цел, реализација на планот за слобода и автономија.

Но, кога Бугарија знаела да и застане на патот, организацијата знаела да се пресмета и со неа и со нејзините раководители.
Превземањето на Ќустендил и засрамувањето на бугарските полициски и воени власти, суровата физичка ликвидација на еден премиер(Стамболиски) и два министри за внатрешни работи на Бугарија, и многу други авторитети, како и многу други слични настани од тој период, укажуваат дека се додека Бугарија ја оставала организацијата непречено да се бори за својата легитимна цел (за што пак Бугарија често си имала свои други тајни цели и планови), ВМРО била во добри односи со неа, но кога ќе и застанела на патот во реализација на каузата, или кога била нападната, ВМРО и те како знаела да се пресмета со бугарската држава при што и загубите не биле само на страна на Бугарија туку и на страна на ВМРО со многу убиени и уапсени нејзини членови и раководители.

Впрочем, токму Бугарија го има ставано во затвор Тодор Александров, Александар Протогеров, кои по некое време успеале да избегаат од затворот и многу други дејци на организацијата. Токму Бугарија му одредува 9 смртни пресуди на Иван Михајлов по кои тој емигрира и токму Бугарија на крајот во 1934 година со својата полиција и војска го уништува ВМРО, преку бројни убиства, затворања и прогони.
Секако, тоа е под притисок и влијание на Југославија, но Бугарија е извршител на сето тоа и тоа е факт.

Оттука, ВМРО во различни периоди има различни односи со Бугарија и е блиска тогаш кога Бугарија не се спротиставува на нејзините цели и кауза. И истото важи за сите држави.

2.По истата аналогија дејствувавме и ние.

Во 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ ние се трудевме да бидеме во добри односи со сите соседи, но не по цена на националните прашања, негирањето на македонскиот јазик, малцинство, идентитет, од страна Грција и името, итн.
Секоја влада, а особено на мали и ранливи држави како Македонија би сакала мир и најдобри можни односи со соседите, па така и ние.
Гледано според бројот на средби, веројатно имавме приближно ист број на средби со Србија и Бугарија, дел од нив во Софија/Ќустендил и Скопје, дел во рамките на други настани како во Брисел, Келн/Бон, Букурешт, и повеќе други градови каде сме се наоѓале на други политички настани, но сме реализирале многу сериозни средби и разговори.
Оттука, тезата на Пендаровски, дека Бугарија непостоела во нашата надворешна политика е чиста лага. Единствено точно е што не се согласивме да потпишеме договор со кој иако кажано со по дипломатски вокабулар во истиот, ќе прифатиме дека до 1944 година сите наши претци биле Бугари, јазикот бил Бугарски итн, и токму тоа создаваше тензија во меѓусебните односи.

Лага е дека сме воделе антибугарска политика, освен ако нашето инсистирање да го признаат македонскиот јазик, историја и посебност не ги смета Пендаровски за антибугарска политика.
Напротив, со сите сили се трудевме да ги доближиме односите со Бугарија што повеќе, но секогаш пред нас стоеше уцената која Пендаровци ја прифатија и ја сметаат за сопствен триумф.
Непостои ниту една моја негативна изјава, ниту на било кој преставник на владата со која раководев против Бугарија или нејзините челници. Ако има таква нека ја најде и објави.

Причината заради која бевме прогласени за антибугарска влада од бугарските националисти, која потоа ја наметнаа и кај официјалните власти и која Пендаровски ја прифаќа и афирмира, заради која односите не беа на највисоко ниво на доверба и заради која не се потпиша договорот за пријателство беа само оние 3-4 точки во договорот поврзани со историјата, малцинството и јазикот кои ние не прифативме да ги потпишеме а сегашната гарнитура на власт прифати и заради кои во иднина Македонија ќе прифаќа многу други остапки врзани со веќе прифатеното.

3.Има уште многу нешта од овој дел кои ќе ги прескокнам, од типот дека ако се направел автопатот кон Бугарија досега, многу полесно ќе се расчистеле историските магли, или дека од Скопје до Солун се стасува за саат и пол, па дека ние не сме правеле амбиент до сега, не сфаќајки дека услов за амбиент беше да ги прифатиме барањата на Бугарија поврзани со идентитетот, јазикот, нацијата, малцинството…па дека сме ја злоупотребиле лустрацијата заборавајќи дека сите документи заради кој некој беше лустриран беа јавно објавени и достапни на интернет па секој можеше сам да прочита и да се увери дали отценката и одлуката на комисијата била исправна или не, а лустрираните секако имаа право и на постапка до судовите.

4.Со Бугарија треба да имаме блиски односи, бидејќи сме соседи и блиски народи, по многу нешта со векови поврзани и сме без посериозни јазични бариери. Треба да се гради инфраструктурата како што ние еднострано ја почнавме градбата на железницата кон Бугарија а со светската банка постигнавме договор за финасирање на експресен пат и направивме и целосен проект за тоа. Пред објавувањето на тендерот за изведувач на градбата се смени власта и тоа колку што знам остана таму каде го оставивме. Изградивме и посериозно енергетски поврзување(далеководот Црвена Могила – Штип).
Треба меѓусебно да се помагаме и соработуваме и денес и во иднина како партнери во НАТО и ЕУ.
И сето тоа е неспорно. Спорно е само што услов за сето тоа беа спорните 3-4 точки од договорот за пријателство кои актуелната власт одлучи да ги прифати. Граѓаните на Македонија и идните генерации нека ценат кој бил во право.

5.Тешки небулози се и тврдењата дека сме биле антизападна и антиалбанска влада.

Како тоа на таа антизападна влада во 2008 јавно и признаа дека ги исполнила сите критериуми за членство во НАТО и дека тоа ќе се случи штом ќе се реши прашањето за името? Влада која раководеше држава која беше де факто дел од НАТО со своите војници во сите мисии на НАТО.
Како тоа во 2009та година, а потоа секоја наредна година ЕК на таа “антизападна влада”, заедно со позитивниот извештај даваше препораки до европскиот совет дека Македонија ги исполнува критериумите да ги започне преговорите со ЕУ за полноправно членство и дека треба да се одреди датум за почеток на тие преговори. Дали антизападна влада тоа може да го постигне? “Антизападна влада” која изработи визна либерализација со ЕУ.
Нашето “антизападнаштво” произлезе само затоа што не ги прифаќавме условите кои сегашните “прозападни” политички елити ги прифатија пред се со преспанскиот договор со Грција и уставните измени а потоа и со договорот со Бугарија.
Затоа, бранејќи ги националните и државни интереси ние си навлековме куп проблеми и етикети за се и сешто иако правевме најмалку десет пати повеќе реформи од сегашната влада која одкако ги прифати сите услови на Грција и Бугарија за награда ги доби најдобрите епитети од Брисел(од ЕУ и НАТО), но на штета на националните интереси на македонскиот народ.

6.ВМРО никогаш не било ни антиалбанско но знаело соодветно да одговори на радикални вооружени групи нелегално влезени на македонската територија и со терористички намери и конкретни планови за тоа.
Гледано историски ВМРО имало континуирана соработка со Албанците на просторот на Македонија, па дури заеднички има организирано востание со нив во 1913 година(охридско-дебарското востание).

Во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ албанскиот народ, секој Албанец во Македонија само добиваше.
Прв пат Албанците земјоделци добија субвенции, прв пат пензионерите Албанци видоа континуирано растење на пензиите и стандардот, прв пат невработените Албанци добија гринфилд инвестиции-нови фабрики во кои масовно се вработуваа, процентот на застапеност во јавниот сектор се дуплираше од 10 на 20 осто, просечната плата во нашиот мандат се дуплираше. Албанците во Македонија добија свои празници како неработни денови, а имаа и најголема можност за афирмација на она кое им следува по уставот поврзано со јазикот, културата образованието, како новиот универзитет Мајка Тереза на пример, итн.

Тоа што со години некој водеше црна пропаганда и демонизирање преку албанските медиуми на ВМРО, за во даден момент да може СДСМ барем да се доближи по бројот на гласови до ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи и лажејќи многу Албанци да гласаат за нив, тоа е друга тема за друга прилика.

7.Не кажа Пендаровски со што сме се исмевале на Бугарија и какви тоа вицови сме правеле како во комунизмот, бидејќи такво нешто не постои.
Човекот си го измисли тоа и мртов озбилен си го кажа.
Ако случајно мисли на филмот “Трето полувреме” претпоставувам знае дека премиер, па ни министер, не читаат филмски сценарија за кои филсмкиот фонд доделува подршка. Но, дури и за тие што читале, неразбирам дали Пендаровски смета дека трагедијата на Евреите во Македонија сами си ја направиле? Сами рано наутро во ист ден излегле од домовите и се качиле во возовите за Треблинка? Чија власт присилно ги изнела од домовите и ги депортирала? А тоа беше главната причина за реакција на официјална Бугарија, чие општество очигледно не беше претходно низ децениите подготвено за вакво соочување со историските грешки и заблуди на дел од нивните предци.

8.Гледате какви стандарди има Пендаровски?
Тоа било ригиден автократски режим.
Во денешната власт во која е и самиот тој и која за Пендаровски не е “ригиден автократски режим” првиот човек на извршната власт на државата две недели однапред јавно соопштува дека судот ќе го прогласи за виновен неговиот претходник (мај 2018). Подоцна јавно признава дека ургирал кај политичките преставници на коалициониот партнер за смена на претседател на врховен суд, по што таа смена се реализира.
Целокупната извршна власт, вклучувајќи го и самиот Пендаровски кој исто така е дел од извршната власт, порачуваат јавно на уставниот суд како треба да одлучи за ова или за она. Тие не коментираат одлуки на судот туку јавно ги нарачуваат.Можеме само да замислиме какви пораки добиле уставните судии приватно од овие лица.

Јавно и секој ден им се закануваат на судиите во основните, апелациските и врховниот суд со разрешувања, ветинзи, целосни реизбори и слично и сето тоа е за нив демократски.
Се назначуваат претседатели на судови и се унапредуваат судии надвор од Законот кој одредува предност за судиите со најмногу бодови засновани на нивната работа и резултати.
Судиите под притисок на извршната власт држат во затвор десетици лица со непостоечко дело тероризам, за што категорично негативно се изјасни и врховниот суд на Шведска, но што има да се следи Шведска кога ние го имаме Пендаровски. Тој и неговите се сега “врховниот суд на Шведска” во Македонија.

По судови и без докази се прогонуваат стотици членови на опозицијата, а Пендаровски тоа го продава како наводна борба со криминалот а вистинскиот криминал кој се одвива во моментот, рекетот и незаконското работење никој несмее да го дискутира и се прави обид да се сведе само на неколку личности кои до вчера ни ги преставува како ангели.

Сите поважни телевизии се под закана после кај нив влезените контроли и одземена документација од обвинителството. Претходно, за пример на другите медиумски газди еден сопственик на телевизија критички настроена кон власта се стави во затвор.
Сега веќе нетреба да се чекаат пресудите на политичките неистомисленици или конкуренти. Доволно е да се следат контролираните медиумите и тие кажуваат кој како ќе помине на суд. Тие кои имаат задача да ја подготват јавноста за нарача таа пресуда кај судијата за јавноста на крај да му аплаудира на судијата што го осудил “грешникот”. Па нив веќе и самите судии кои судат ги следат при носењето на одлуките. Пресудите јавно им се диктираат на судиите кои само треба да ги соопштат во судницата.

На локалните избори организирани од оваа власт имаше масовен поткуп на гласачи со директна асистенција на полицијата, поткуп и уцени на набљудувачите и изборните комисии, т.н. “бугарски возови” и масовни уцени, закани и заплашувања со посета на домовите на илјадници гласачи главно подржувачи на опозицијата со укажување или за кого да гласаат или да си седат дома на денот на гласањето.
Тој смета дека е правилно висок функционер на судот јавно да му се каже како треба да пресуди и се е тоа во ред, а поранешната власт била “ригиден
автократски режим”.

8. И конечно некоректниот настап на Пендаровски го видовме кога по одлуката на уставниот суд да покрене иницијатива која се однесува на прекинот на поголем број судски постапки кои ги направи претседателот Иванов, веднаш побрза, без никакви аргументи, докази па дури ни индиции, да ме прогласи мене дека стојам зад тоа, што секако е невистина. Тој дури отиде до таму што јавно почна да ми испраќа пораки, како и на судиите. Сам со себе си дискутираше.
Пендаровски не личи на претседател-државник, туку на старомоден балкански партиски водач кој политиката ја разбира дека нетреба ништо да се работи и сработи туку секој ден да се даваат некакви изјави и да се напаѓа со или без аргументи и докази. Стереотип на политичар за кој вистината не е важна, туку колку реторички поубедливо ќе се каже лагата или фикцијата,што почесто нешто да се говори за да се биде присутен секојдневно а тоа во моментот да звучи интересно.
Јас често давав изјави. Но, имаше причина. Еден ден реновирана болница, друг ден градба на гасовод, трет ден градба на пат, четврт ден намалени даноци, пети ден укинати визи за ЕУ, шести ден нов закон за бесплатни учебници за учениците, седми ден нова фабрика, осми ден прв пат воведена минимална плата, девети ден ново училиште, десети ден покачени пензии…итн.
Која е смислата на изјави полни со реторичка гимнастика во политиката а без ново додадена вредност, исполнета со лажни тези, шупливи тези и празни фрази и неточни информации, заснована исклучиво на себевеличење, обвинувања и етикети на противникот?
Која е смислата на изјави со ранливи тези кои можат да опстојат само доколку луѓето имаат проблем со памтењето. На пример драматурско повторување дека е против аболиција на политичари. Таа негова теза би имала смисла ако самиот тој небеше носител на листа на партија предводена токму од политичар кој добил аболиција.
Тоа е кога за некој важно е да се зборува само нешто што му се чини дека е во тренд и ќе има корист од тоа. Ако е во тренд некој или нешто да се напаѓа-напаѓај, ако е во тренд од нешто да се огради-огради се. А ако тие две работи се спротиставени, или спротивни на некои поранешни постапки, надевај се дека народот заборавил.

Дали ќе се извини за тоа и за сите други изнесени невистини? Не, тој е во сериозна фаза на “забегување” и мислам ќе оди во обратна насока.

Навистина недолично е за еден човек кој обавува ваква функција да зборува невистини, да излегува во јавност со непроверени работи, да манипулира со јавноста, да етикетира, па макар и за некој кој не му е политички омилен. Добро е да се градат добри релации со соседите но достоинствено и чувајќи го својот суверенизам и национални интереси.
Опседнатоста со мене неможам да ја ставам во истата категорија бидејќи е најчесто нешто што човек неможе да го контролира.

П.С. Враќањето на проектот купи куќа купи стан, исто како и враќањето на рамниот данок е чекор кој треба да се поздрави после талкање цели две три години и загубеното време.

П.С.2.Наместо субвенции за половни автомобили потребни се субвенции за електрични автомобили, паралелно со законодавство кое ќе ги обврзе бензинските пумпи, паркинзите каде се наплаќа и катните гаражи да инсталираат полначи на струја за овие возила и соодветна друга опрема. Оние кои и покрај субвенциите неможат да си дозволат да купат таков автомобил, би помогнале субвенции/ваучери за плински уреди особено на оние со Еуро 0,1,2 и 3 што ќе помогне и за почист воздух и за сериозни заштеди за финансиски заштеди на возачот.
Но, уште поважно е итно проширување на мрежата на парно греење насекаде низ Скопје каде ја нема и правење таква мрежа и во другите загадени градови. Онаму каде нема да може да се инсталира парно греење, особено во оние места каде ќе нема пристап до гас, замена може да се субвенции на уреди за греење на палети, но со многу посериозни износи од сегашните во буџетот. Загадувањето од греењето е околу 2/3 од целото загадување на воздухот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика