Најголем дел од заразените се текстилни работнички, при што пет конфекции се затворени поради ескалирање на состојбата.

Објавил: Владо Марин | 3 јуни, 2020 7:18

За експлозијата на вирусот во Штип единствено виновни се лакомите газди и власта која ги штити

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Откако пред неколку дена пандемијата почна да се шири во една од текстилните фабрики во Штип, само за неколку дена вирусот експлодираше и во моментов Штип како општина има најмногу заразени, со дури 27 случаи за 24 часа.

Најголем дел од заразените се текстилни работнички, при што пет конфекции се затворени поради ескалирање на состојбата.

Иако фирмите се обврзани да ги почитуваат мерките од Центарот за Јавно Здравје, дознаваме дека изминатиов период ниедна од мерките не била испочитувана. Дополнително, работниците продолжиле да бидат колатерална штета поради несериозниот пристап на локалните газди, при што биле транспортирани до работните места во преполни автобуси, иако правилата налагаат строго растојание од 1.5 до 2 метри! Покрај тоа, со цел да заштедат и остварат поголем профит, сопствениците на конфекциите не обезбедиле заштитни маски, иако законски се обврзани.

Не била испочитувана ниту задолжителната дезинфекција на автобусите помеѓу две смени. Заштитни маски за време на работа биле реткост и тоа само ако работниците си обезбеделе самоиницијативно, иако газдите јасно се обврзани да ги обезбедат на секој вработен.

За разлика од работниците, сопствениците и раководниот кадар биле постојано заштитени со маски, за што сведочат самите работници. Сето ова се случува под ”будното око” на Државниот Трудов и Пазарен Инспекторат, кои и покрај бројните поплаки, скоро и да не откриле ниеден пропуст во почитување на мерките за заштита?

Општинските власти, кои останаа неми на повиците на работничките дека се праќаат незаштитени на работа, не само што не направија ништо да им помогнат – туку градоначалникот на Штип Благој Бочварски вчера имаше дрскост да ги обвини единствено граѓаните, притоа бегајќи од сопствената одговорност.

Ги повикуваме властите својата неспособност во справување со кризата да не ја префрлаат на граѓаните, да соберат храброст и да го адресираат проблемот каде што треба и конечно да им се спротивстават на алчните профитери кои мислат само на сопствениот финансиски интерес, притоа загрозувајќи ги работниците! Изживувањето на газдите со текстилните работници е недозволиво, не смее и нема да помине!


Реакција на ЛО Левица – Штип.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести