Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март следната година, кога треба да почне летното сметање на времето.

Објавил: Весна Петровска | 26 октомври, 2019 15:23

За ЕУ зимското сметање ќе замине во историја – Каков е ставот на македонската Влада?

Фото/Текст извор: ©онлајн магзин

Во три часот по полноќ ноќта меѓу сабота и недела почнува зимското сметање на времето, односно стрелките на часовникот се враќаат еден час наназад.

Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март следната година, кога треба да почне летното сметање на времето.

Од 2021 година ќе стапи во сила предлогот за укинување на задолжителното поместување на часовникот за еден час во земјите од Европската Унија. Предлогот беше усвоен од страна на Европскиот парламент, но сепак секоја членка на Унијата ќе има можност да избере дали ќе остане на летно или на зимско сметање на времето.

Со 23 гласа „за“ и 11 „против“ Одборот на Европскиот парламент вчера донесе резолуција со која од 2021 година во цела Европска унија ќе се укине летното и зимското сметање на времето.

Земјите-членки сега треба да се координираат и до април 2020 година да одлучат дали ќе останат на зимско или на летно сметање на времето.

Според направените анкети, 84 проценти од Европејците се изјаснија да не се менува времето во летно или зимско, односно да има само едно сметање на времето како пред 1976 година, 56 отсто сакаат да остане летното сметање, додека 36 проценти на зимското сметање на времето.

Промената на времето, воведена во 1976 година, отсекогаш беше критикувана. Во септември 2018 година, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, по консултација со неколку милиони европски граѓани, предложи во Европската Унија да се запре со промената на времето во зимско и летно сметање.

Последната промена на времето требаше да биде на 1 април 2019 година. Но, европските министри за транспорт, кои се состанаа на 3 декември 2018 година, ја разгледуваа можноста, датум за напуштање на овој систем, да биде одреден дури во 2021 година. На крајот од координативното дејство, секоја земја-членка ќе мора да избере дали да остане на летното или зимското сметање на времето.

Од Владата за Факултети.мк објаснуваат дека во однос на националната определба околу сметањето на времето, претстои усогласување на нашето национално законодавство со ЕУ-легислативата што се однесува на сметањето на времето и определување начин за транспонирање на горенаведената директива.

– Истото треба да биде поткрепено со детална анализа и информација во која ќе бидат опфатени сите фактори (социјални, економски…) и која треба да се усвои од страна на Владата на нашата земја. Бирото за метрологија ги следи случувањата во однос на процесот на усвојување на директивата за прекинување на сезонските промени на времето и им стои на располагање на надлежните институции во поглед на исполнување на горенаведеното – велат од Владата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.