Во судница сѐ уште се изведуваат стари докази и се сослушуваат стари сведоци

Објавил: admin@magazin | 18 април, 2019 9:36

За „Монструм“ ќе сведочат сведоци предложени од обвинетите, рочишта и за „Траекторија“и „Тарифа“

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

На денешното рочиште за случајот „Монструм“ за петкратното убиство што се случи кај Смилковското Езеро во 2012 година, ќе сведочат неколкумина сведоци предложени од одбраната, односно од обвинетите и нивните адвокати. На претходните рочишта, кои беа затворени за јавноста, пак се презентираа посебните истражни мерки, односно прислушувани разговори на обвинетите по петкратното убиство.

Трагичниот настан се случи на 12 април 2012 година кога четворицата матуранти Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски беа убиени кај Смилковското Езеро.

Во судница сѐ уште се изведуваат стари докази и се сослушуваат стари сведоци, бидејќи иако случајот го презеде СЈО, сепак тој се води по стариот Закон за кривична постапка, па на повтореното судење мора да се презентираат сите старите докази, а потоа ќе следуваат новите, односно оние што ги обезбедило СЈО.

Освен „бомбите“, кои СЈО ги има во раце за овој случај, ќе бидат повикани и неколку нови сведоци, кои ќе треба да придонесат за расветлување на седумгодишната мистерија.

За овој случај доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда поради немање цврсти докази за утврдување вина.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според  СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.