Отворено писмо на Златко Неделковски, доајен на боречките спортови и вештини во Македонија, за односот на надлежните во реализацијата на големиот спортски настан

Објавил: Мирко Бачиќ | 9 септември, 2018 14:34

Златко Неделковски: Благодарам што ми ги отворивте очите дека имам работа со слепци!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Битола одлучи дека битолчани не заслужуваат во градот да се одржи Балкански шампионат во боречки спортови и вештини и токму така им пренесовме на 14 земји од регионот Балкан.

Македонскиот спортист и спортски работник, Златко Неделковски, кој во светот на боречките спортови и вештини поминал над 45 години, по несупехот да наиде на разбирање кај локалната но и централната власт за организирање на Балкански шампионат од страна на Светскиот совет на боречки спортови и вештини, се обрати со отворено писмо, во кое меѓу другото јасно ја позиционира одговорноста поради која морал, како претседател на Светскиот совет за регионот на Балканот кој опфаќа 14 држави, да им се извини на националните селекции, дека Македонија и Битола, одлучиле дека не им треба таков грандиозен настан.

Златко Неделковски е човекот кој во средината на 80’тите во Македонија прв го донесе фул контактот и кик боксот, како и добар дел од боречките спортови и вештини, а веднаш по осамостојувањето на Република Македонија го формираше и првиот Сојуз кој веднаш во 1992-ра година веќе имаше мрежа од над 20 клубови кои го организираа првиот кик бокс и фул контакт државно првенство на Македонија.

Само изминатите 5 години, академијата ЗА – НЕД – ДО од Битола и Златко Неделковски, кои се претставници за Република Македонија во светските организации за боречки спортови вештини на Македонија и донесоа над 400 титули и медали од Светски шампионати, Интернационални шампионати и меѓународни турнири.

Во продолжение интегралниот текст од отвореното писмо на Златко Неделковски: 

Отворено писмо:

Почитувани членови на Академијата “ЗА НЕД ДО”, наши фанови и љубители на боречки вештини.

Имам потреба, вас, и само вас да ви се извинам, што најавениот, WFMC Балкански шампионат, за регионот кој опфаќа 14 држави, и за кој од страна на светсткиот совет за боречки спортови и вештини сум директно одговорен, нема да се одржи.

И да. Македонија и Битола покажаа уште еднаш, дека кога е спортот во прашање, знаат да те фрлат на колена, понижат, навредат, и на крај да уништат една цела идеја, спортска мисија, искрена визија, каде очигледно не гледаат ефтино политичко или партиско профитерство.

Во периодот од изминатите нешто повеќе од 75 дена, 2.5 месеци, од кого и да побарав помош, или не креваа телефон, или беа отсутни, ги немаше на работните места, имаа состаноци или откако ќе ја поздравеа идејата, веќе не беа достапни за комуникација.

Порака до сите нив. Може да спиете мирно.

Нема веќе да ви ѕвонам, да ви пишувам СМС пораки или да ве барам по канцеларии, институции па и дома. И тоа не ми беше срам да го правам, затоа што вие сте големите политичари, а мали луѓе. Јас барав помош и поддршка за настан каков Битола не видела никогаш во сферата на спортот, а вие, очигледно сметавте дека битолчани не го залужуваат.

Стои онаа изрека, дека човек додека е жив, ќе си ги учи пријателите. Овој пат листата прилично се намали. Благодарам што ми ги отворивте очите дека имам работа со слепци. Извинете за тоа што не сум се родил со квалификуваната и пожелна мана, политички или партиски да профитирам врз невиноста на спортот и моите ученици. Додека сум жив, тоа ниту се случило, ниту ќе се случи, иако очајно го посакувате.

Имам само благодарност за обидот за помош, до еден (1) советник во Советот на Општина Битола и еден (1) директор на државно претпријатие, кои имаа да одвојат 5 минути, да ме ислушаат и да се обидат да ми помогнат.

Општина Битола не го сака спортот. Не не сака можеби само нас, како академија, или мене како личност, но не ги сака ни 14 држави како нејзини гости. Доволно си е таа и промовирана и претставена, зошто би одвоила финансии за нешто за кое сметавме дека треба да стои како покровител во најмала рака.

Имаа Општина Битола свои партиски омилени и привилегирани миленици, биле и ќе бидат, без без разлика кој бил на власт, затоа што на вратите ви ја пишува општествената титула за која битолчани ве бирале а не партиската.

Кога имате интерес, тогаш поддржувате и настани на кои фиктивно и фингирано т.н. се раѓа иднината на спортката младина без ниту еден одржан натпревар или со освоено второ место од пријавени два учесника. Вие сакате такви спортисти, ете ние не сме тие.

Во спортот нема црвен тепих. Да кажевте дека тоа ви е проблемот, ќе купев.

Имам да им се заблагодарам од дното на душата на моите ученици, кои цело време, со по 2 вондредни и еден редовен тренинг се подготвуваа за овој настан. Со цела радост која вие политичарите никогаш нема да ја почуствувате. Им благодарам што потрошија и време и пот а проплукаа и крв и нерви. Не именувам никого, нема да ги именувам ни нив, знаат кои се, знаат како функциониравме 24/7, голема благодарност до нивните семејства кои имаа разбирање што нивните деца ги нема дома од 6 часот изутрина до полноќ, секој ден.

Во основа никогаш пред никого, во своите над 45 години во спортот не сум се правдал, оправдувал или објаснувал. Не сум нашол доволно добра причина а и достоен соговорник за тоа.

На крајот, во основа, како и за се до сега, вината е моја.

Златко Неделковски

П.С. И барам одговор, зошто никој од надлежните во Битола и Република Македонија не извршил прием на нашите спортисти, за настани за кои ако не сте знаеле, јавноста знае. Мене не ми треба повеќе тапкање по рамо.

Но на спортистите тој прием им следи и не треба да молат или да го бараат истиот затоа што тоа е обврска и должност на Битола а не лична желба или селективен избор.

Им следеше на 9 натпреварувачи кои донесоа 14 медали од Светскиот шампионат во боречки спортови и вештини кој се одржа во Сер, Република Грција од 11 до 13 мај 2018 година.

Им следеше на 23 натпреварувачи кои донесоа 34 медали од првиот Балкански шампионат кој се одржа во Брчко, Федерација Босна и Херцеговина од 9 до 11 март 2018 година.

Им следеше на 21 натпреварувач кои донесоа 30 медали од 6-тиот Интернационален шампионат и 9-ти Сегрчки шампионат во боречки спортови и вештини “Мигдониа 2017” кој се одржа во Солун од 25 до 26 ноември 2017 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.