Зоран Заев ќе сведочи.

Објавил: Узунов Бобан | 26 август, 2019 13:06

Зоран Заев сведок во “Монструм”

Фото/Текст извор: ©магазин

Премиерот Зоран Заев ќе биде повикан да сведочи за случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро, најави обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судско рочиште.

Откако судијата Огнен Ставрев најави дека од наредното рочиште закажано за 5 септември ќе почне со презентирање на „бомбите“, еден од родителите на убиените момчиња побара појаснување дали сега ќе ги слушнат разговорите на „заштитените мечки“, односно оние разговори кои биле прогласени за државна тајна од редовното обвинителство. Тогаш тој се повика и на ветувањето на премиерот Заев, дека родителите ќе дознаат чии се заштитените броеви.

Тогаш обвинителката Фетаи истакна дека во судница ќе биде повикан премиерот Заев.

Горан Наќевски, таткото на убиениот Александар, неколку пат изјавуваше дека низ доказите има пет телефонски броеви, чии сопственици не се откриваат.

-Ние со години зборуваме дека во случајот се вмешани политичари, но никој не не слуша. Од многубројните телефонски разговори, добиени преку пим мерки, а кои беа искористени како докази, како државна тајна се прогласени разговори кои доаѓаат од пет мобилни телефони. Во пресудата ги има само телефонските броеви и должината изразена во секунди и минути на разговорите, но таму недостасува содржината. Не можеме да се помириме дека тие разговори ги сокрија и од нас. Зар за ваков масакар треба да си дозволат да кријат податоци зад превезот на строго доверливо или државна тајна? Според нашите информации кои на секој начин се обидуваме да ги добиеме, овие броеви се на функционери од ДУИ, а еден од обвинетите имал чести конекции со високи угледни личности и од албанските, но и со македонски политичари, изјави Наќевски за „Фокус“ уште пред две години.

На наредното рочиште закажано за 5 септември во судница ќе почне емитувањето на „бомбите“ за овој случај, односно 38.000 смс и телефонски разговори.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести