Денеска им велиме збогум на настраданите патници кои не успееја да дојдат дома.

Објавил: Перо Милчин | 14 февруари, 2019 16:10

Иванов и Заев со потресни говори на комеморативната седница во Гостивар

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин

Премиерот Зоран Заев, претседателот Иванов и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари се обратија на комеморативната седница на Советот на Општина Гостивар за жртвите во трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово.

Арбен Таравари, Заев и Иванов се обратија за медиумите по повод трагичната сообраќајна несреќа која се случи вчера на автопатот Скопје – Тетово, при што загинаа 14 лица а повеќе се повредени и згрижени во ургентниот центар во Скопје. Тие се запишаа во книгата на жалост отворена во салата на Советот на Општина Гостивар.

На комеморативната седница прв се обрати градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, претседателот на Република Северна Македонија Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Градоначалникот рече дека вчера смртта за само еден час зеде 14 човечки животи и се 14 прекинати приказни во мрачното попладне на 13 февруари. Тој нагласи дека сите патуваа во своите домови.

Како лекар по професија во мојата работа од околу 20 години сум видел многу болка, но никогаш и ништо не може да се спореди со оваа трагедија која е најголема. Никој не знае кој биле последните мисли. Но никој од нив не знаел дека ќе го загуби животот…

Се враќаа во нашиот Гостивар , но не било пишано тоа да биде уште еден ден од нивниот живот. Нивната смрт едвај ми дозволува да ги артикулирам зборовите, но сепак тоа е божјата волја и со трпение треба да се покориме на сето она, што бог го напишал. И покрај тоа што болката на овие 14 семејства кој се и мое семејство и семејство на цел наш град наш Гостивар, денес е толку голема, што ова е едно од најстрашните искушенија на нашиот град.

Од овој немил ден, нека разбереме сите колку е важно да се сакаме и почитуваме меѓу себе. Да се разбереме, животот е краток за да се одложат плановите за човештвото, почитта хуманоста и посветеноста. Молете се за нас молете се за Гостивар изјави градоначалникот Таравари. 

Тој им се заблагодари на сите граѓани кои помогнаа во спасувањето на патниците и на сите институции кои помогнаа да се згрижат повредените. Рече дека денеска сите тагуваат и знамињата се спуштени на половина копје. Денеска им велиме збогум на настраданите патници кои не успееја да дојдат дома.

По него се обрати и премиерот Заев и рече дека оваа болка ја споделува со сите луѓе и дека душата го боли за секој згаснат живот бидејќи тоа се наши сограѓани и наши деца тоа беа и наша надеж.

Тагата е заедничка, зборовите за утеха во ваквите моменти тешко се наоѓаат, затоа што нема утеха за срцата кои тагуваат по срцата на саканите.  Свесен сум сега дека зборовите не можат да допрат до душата која жали, но можеби понатаму ќе бидат нечија водилка низ болката која не поминува, но човек учи да живее со неа. Драги пријатели човекот додека има луѓе околу себе не е сосема сам и дојдов да ви кажам дека загубата е ненадоместлива но не сте сами и нема да ве оставиме сами. Преземаме обврска да помогнеме на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложам, исто така како влада ве уверувам дека ќе сториме се да помогнеме. 

После премиерот Зоран Заев на говорницата длабоко жалење за прерано згаснатите животи изјави и претседателот на Република Северна Македонија Ѓорге Иванов и рече дека овие се моменти на тага и на жал за загубените животи.

Животот не може да се надомести рече Иванов. Овие луѓе кои ги изгубија своите животи ги изгубија и своите соништа, планови кои сте стремеле да имаат добар и среќен живот.

Тешки се деновите кога искажуваме сочувство на роднините пријателите, бидејќи сообраќајките се настани кога некој ни ги краде тие што ни се најмили. Кога некој умира знаеме дека тоа е неминовно во животот доаѓа смртта, но кога се случуваат вакви настани тие се уште потешки и болни, затоа што тие што сме ги очекувале да дојдат дома, но никогаш не пристигнале . Затоа во овие моменти на тага треба тагата да ја споделуваме и да помислуваме на живите, како да им укажеме утеха како на најблиските да им помогнеме да ги пребродат овие најтешки моменти во нивниот живот. 

Се вели дека луѓето не умираат кога ќе ги погребат, туку кога ќе ги заборават. Да остане за овие луѓе споменот вечен, да се сеќаваме на нив да ги спомнуваме и на нивните најблиски да ги пребродат овие тешки моменти рече Иванов на комеморативната седница во Гостивар.

Ова е поука секогаш да бидеме внимателни и поука за сите што се изложени на вакви настани секогаш да внимаваат и секогаш да имаат во предвид, дека нешто што е најскапо тоа е животот.

Тажен ден за Македонија и Македонскиот народ. Вакви настани да не се повторат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести